ПРЕКУ ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТИ ДО 1,5 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ТРГОВСКА РАЗМЕНА
➢ Актуелно (01.06.2021, во 08:17:04)
👁 Прочитано: 307



Интервју на Бранко Азески претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и копрестедател на Коморскиот инвестициски форум, за Вечерни новости
ПРЕКУ ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТИ ДО 1,5 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ТРГОВСКА РАЗМЕНА

Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Северна Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, вели во интервју за „Вечерни Новости“ (најтиражниот дневен весник во Србија и во регионот), претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески.

Србија е трет трговски партнер на Северна Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија. Во 2020 година реализирана е трговска размена меѓу двете во вредност од 781,4 милиони долари што е за 8,6% помалку поради Корона кризата.

Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис секторот, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари. Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така можат да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата.

Охрабрувачки е податокот дека во првите месеци од 2021 година трговијата расте. Целта е да се удвои и да се врати на нивото од 2008 година, кога била реализирана трговска размена во вкупна вредност од 1,5 милијарди долари, констатира претседателот Азески.

Ова може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји, преку унапредување и продлабочување на економската соработка.

Еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговско-економската соработка во регионот е развиената патна и железничка инфраструктура, како што е автопатот низ Грделичката клисура и изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица. Претстои реконструкција на железничките линии, што ќе овозможи забрзан проток на луѓе и стоки.

Служба за информирање при Комората