БРЗА ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР ВО УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР ВО ПЕРИОДОТ НА ПОСТКОВИД
➢ Актуелно (31.05.2021, во 14:58:25)
👁 Прочитано: 530




БРЗА ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР ВО УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР ВО ПЕРИОДОТ НА ПОСТКОВИД

Пандемијата на КОВИД ги измени досегашните потреби во угостителската дејност, во однос на составот на работниот кадар што му е потребен во процесот на работењето. Предизвикот за отворање нови работни места дефинитивно е заменет со предизвикот како да се задржат постојните и, евентуално, да се пополнат испразнетите со соодветен кадар.

Следејќи ги состојбите во угостителскиот сектор за време на пандемијата, особено прашањето за обезбедување работна сила, што се одразува врз продуктивноста и врз квалитетот на услугите, а имајќи го предвид фактот дека образованието е еден од стожерите на активностите на Стопанската комора на Северна Македонија, се пристапи кон изнаоѓање соодветни мерки и решенија.

„За таа цел, во рамките на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“, поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка во РСМ, подготвени се 4 програми за двомесечни обуки за преквалификација и за доквалификација за потребите на угостителскиот сектор за слаткар, готвач, пекар и за келнер“, беше речено на денешната прес-конференција на тема „Брза преквалификација за обезбедување кадар во угостителскиот сектор во периодот на постковид“.

Програмите се модуларно дизајнирани и содржат теоретски и практичен дел, кој ќе се реализира исклучиво во угостителските објекти од лица практичари, вработени во угостителските објекти, кои ќе ги обучуваат според специфичностите на угостителскиот објект. На овој начин угостителските објекти кои се вклучени во реализацијата на практичната обука се во можност да го препознаат квалитетниот кадар и да обезбедат нови вработувања , во согласно ст со своите потреби.

Угостителските објекти и компаниите кои имаат тешкотии со обезбедувањето соодветен средно-стручен квалификуван кадар можат преку доквалификација и преку преквалификација да се вклучат во процесот на креирање и други програми за кадар според своите потреби или во спроведувањето на практичната обука со свои ментори, кои го следат напредокот на учесниците вклучени во обуката. На овој начин компанијата ќе добие кадар без да ги зголемува своите трошоци.

Ако до 2019 година туризмот и угостителството беше сектор во топ три најбрзо растечки индустрии во светот, со годишен раст од над 10 % и со можност за нови вработувања (во светот, во просек, секој трет вработен е во овој сектор), 2020 дефинитивно беше година на целосен колапс на оваа дејност.

Во обид да се обезбеди реална проценка на негативните ефекти од кризата врз секторот, беа направени две студии во рамките на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“. Прогнозите за квалитетите на Северна Македонија како туристичка дестинација беа исклучително загрижувачки и проектираа намалување на туристичките движења од 80 % за 2020 година, во однос на 2019 година, и загуба на бројот на работни места во секторот во дијапазон помеѓу 4 илјади и 20 илјади работни места. За ублажување на негативните последици од пандемијата врз секторот, студиите, врз база на истражувањето, препорачаа четириесетина мерки за поддршка на туристичкиот сектор, наменети да послужат како основа за преговори меѓу јавниот и приватниот сектор при изнаоѓањето решенија за корекција на прогнозите во однос на квалитетите на дестинацијата и за ограничување на загубата на бројот на работни места, преку мерки кои ќе испорачаат високоефектен економски одговор.

Негативното влијание на здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД 19 врз овој сектор е во голем обем, со 85 % пад на бројот на странски туристи, односно со 60 % пад на вкупниот број туристи. Изостанува ефектот од странските туристи, чие присуство значи поголем девизен прилив, а и поголема потрошувачка.

Ако се следат официјалните статистички податоци за бројот на деловни субјекти и на вработени во објектите за сместување и за сервисни дејности со храна, како и во туристичките агенции и во тур-операторите, бројот на вработени е минимално намален и таа статистика, поради природата на функционирање на вработливоста во овој сектор, каде што поради сезонскиот карактер голем број од работниците се вработуваат на определено време, не соодветствува со реалните состојби.

Од спроведената комуникација со членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија, угостителско-хотелските објекти имаат пад на вработените од 50 % нагоре, што укажува на една сосема поинаква слика.

Затоа, оваа форма на поддршка е само уште една во низата, која ја иницира и ја креира Стопанската комора за компаниите од секторот, бидејќи извесно е дека секторот туризам и угостителство многу бргу може да даде позитивни резултати по завршувањето на кризата, со отворањето на границите и со анкетите што се прават во светски рамки за интересот на луѓето за патување, но, сепак, факт е дека корона-вирусот трае, а дека вакцинирањето е процес кој е сѐ уште во тек и кој остава простор и можност негативните ефекти да се чувствуваат уште одреден период и во 2021 година. За таа цел, потребно е овој сектор, како особено погоден од светската пандемија, да биде поддржан и во периодот што следува бидејќи :

1. во услови на криза, кога се зголемува невработеноста, ваквите програми имаат цел да дадат можност за пристојна работа и живот на невработените, преку преквалификација за професиите за кои има најголема потреба на пазарот на трудот;

2. поради здравствената криза секторот туризам се соочува со најголем недостиг од квалификуван кадар. Со овој проект, освен што ќе им се даде можност за вработување на многу лица, ќе се зголеми и квалитетот на туристичкото производство, ќе се зголеми атрактивноста на дестинацијата, односно квалитетот на услугите, а со квалификуваниот кадар ќе се зголемат и продуктивноста, профитабилноста, личните доходи и стандардот на вработените во овој сектор;

3. преку дизајнираната поддршка на овој начин се обидуваме да ги постигнеме највисоко поставените цели, а тоа е ублажување на одливот на работна сила и овозможување брзо пронаоѓање пристојна работа за сите кои ќе учествуваат во проектот за преквалификација.

 

ПРОГРАМИТЕ ЗА БРЗА ПРЕКВАЛИФИКАЦИЈА СЕ ЗНАЧАЈНА АЛАТКА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПОТРЕБНИОТ КАДАР ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО

АНА ТАНЕВСКА-ЃОРЃИЕВСКА, претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија

Со почетокот на кризата и со целосниот застој на работата во хотелите, рестораните и во туристичките агенции, бројот на вработени драстично се намали. Дел од работниците целосно ја променија својата работна професија, па од угостители станаа возачи, гипсари, монтери итн., односно голем број од вработените во угостителско-туристичкиот сектор преминаа во транспорт и во градежништво.

Неизвесноста беше клучниот фактор за ваквите одлуки. Поради кризата хотелите, пред сѐ, во градските средини, тука најмногу мислам на Скопје, но и во одредени други градови во државата кои не се класични туристички центри, беа целосно затворени. Падот на прометот во овие компании беше над 85 %. Дополнителен проблем е што овие угостителски објекти (хотели), поради големиот број работници што си заминаа, не можеа ниту да го остварат правото на поддршка на плати за последните три месеци од 2020 година, па и тој вид помош изостана за нив.

Со цел задржување на своите вработени, кои се еден сериозен влог и капитал на секоја компанија, со визија и со долгорочно стратешко планирање и позиционирање на пазарот во дејноста, компаниите, всушност, прават исклучително голем напор за задржување на работа, во услови кога поради кризата предизвикана од вирусот КОВИД 19 обемот на активности во 2020 година беше сведен на минимум, не по своја вина, но поради целосно запирање на економската активност. Искуството и праксата велат дека секоја загуба на вработен значи три нови години замена на постојниот работник и креирање нов кадар.

Бизнис-секторот укажува дека поддршка од Владата е потребна не за да се заработи, туку исклучиво и единствено компаниите од секторот да не пропаднат, бидејќи тие и сега, во услови кога речиси и не работ еа и кога немаа деловна активност, држ еа значаен дел од вработените . Губењето на квалификуваниот кадар во секторот ја доведува во прашање пазарната позиција на РС Македонија како туристичка дестинацијата на меѓународниот пазар.

Преку Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија инициравме поддршка за овие компании. Мерката беше одобрена со петтиот владин пакет, но сѐ уште не е реализирана.

Сега, по речиси една и пол година од почетокот на оваа здравствено-економска криза и во очекување и најави за заздравување и за делумно започнување со работа на секторот, компаниите укажуваат дека поради кризата на КОВИД 19 имаат одлив на стручен кадар од над 50 %. Станува збор за келнери, рецепционери, готвачи, помошници готвачи и за сите други работни позиции во угостителско-туристичкиот сектор.

Работната сила во угостителството, како значаен капитал за компаниите кои имаат визија и стратешка определба за развој на дејноста, е од особено значење. Оттука, секој одлив на кадар, во услови кога на пазарот има континуиран недостиг од овој тип работници, ги доведува компаниите во исклучително тешка состојба.

Пред почетокот на оваа неизвесна туристичка сезона, недостигот од работници е сериозен проблем за хотелиерите, рестораните и за туристичките агенции.

Оттука, поддршката преку програмите за брза преквалификација може да биде значајна алатка за компаниите за обезбедување на потребниот кадар и ги охрабруваме сите оние компании кои имаат таква потреба да ја искористат можноста.

 
 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување