Одржана виртуелна презентација на резултатите од студијата „Потенцијалот на Западен Балкан за привлекување странски инвестиции во периодот на постковид“ Инфраструктура и развој на образованието - клуч за нови инвестиции во регионот на Западен Балкан
➢ Актуелно (27.05.2021, во 16:11:37)
👁 Прочитано: 780




Инфраструктура и развој на образованието - клуч за нови инвестиции во регионот на Западен Балкан

Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со коморите од Коморскиот инвестициски форум (КИФ ЗБ6), во рамките на Проектот за коморско партнерство на Западен Балкан, по спроведеното истражување на потенцијалите за привлекување странски инвестиции и на соработката на домашните компании со инвеститорите во шесте земји од регионот, на 27 мај 2021 година, одржаа виртуелна презентација на резултатите од студијата на тема „Потенцијалот на Западен Балкан за привлекување странски инвестиции во периодот на постковид“.

На настанот експерти од коморите на Западен Балкан, заедно со Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw),  ги презентираа главните заклучоци од студијата, кои укажуваат дека економиите од Западен Балкан во периодот на постковид би можеле да имаат корист од настанатите промени, особено во областа на деловната активност на најголемите глобални синџири за производство и снабдување.

За да се искористи оваа можност, потребни се инвестиции во едукација на квалификувани професионалци, развој на инфраструктура и стимулирачко економско опкружување што ќе го направи регионот на Западен Балкан поконкурентен.

„Треба да ја искористиме можноста да привлечеме нови инвестиции во периодот на постковид, бидејќи пандемијата придонесе за промени во глобалните синџири на снабдување и компаниите сè повеќе бараат поефикасни и побрзи рути за испорака, без ризик и дополнителни трошоци, географски поблиски локации за преместување на производството  и сигурни деловни партнери и добавувачи “, истакна Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на КИФ ЗБ6. 

Таа додаде дека целта на студијата е да ги претстави предностите на регионот, но и да ги посочи областите во кои е потребно да се инвестираат дополнителни ресурси со цел економиите на Западен Балкан да бидат што попривлечни за домашните и странски инвеститори. 

„Економиите во регионот се во процес на реиндустријализација и преструктуирање на извозната структура во насока на поголемо учество на производството кое носи поголема додадена вредност. Исто така, потребно е да се забрза процесот на создавање на единствен регионален пазар, со цел локалните економии да бидат конкуренти на пазарот на ЕУ “, истакна Бојан Станиќ, помошник директор на Секторот за стратешка анализа при Стопанската комора на Србија.

Тој ја потенцираше важноста за отворање на Регионален центар за економска анализа, што ќе овозможи увид во позицијата на регионот на Западен Балкан од макроекономско ниво, како и на економските субјекти и специфични трговски добра.

„Ако регионот се активира и дејствува на вистински начин кон странските инвеститори, ќе се отворат шанси за поголем прилив на странски инвестиции. Тоа подразбира инвестирање во образовниот систем, во дуално образование и поголем фокус на развојот на транспортната инфраструктура “, истакна Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски студии(wiiw), презентирајќи ги резултатите од студијата.

Тој додаде дека странските инвеститори првенствено бараат квалификувана работна сила и добра инфраструктура, но и стабилно економско и политичко опкружување. Тој посочи дека инвеститорите во регионот, меѓу кои најприсутни сè компании од Германија, во периодот од 2010 до 2019 година, инвестирале 2,5 милијарди евра во регионот на Западен Балкан и 1,7 милијарди евра ширум светот.

 „Овие податоци покажуваат дека има уште многу простор за другите западноевропски инвеститори, како што се Холандија, Швајцарија и Австрија“, додаде Јовановиќ. 

Софија Клуге и Олга ван Зиверден, координатори на Проектот за коморско партнерство за Западен Балкан, посочија дека 62 проценти од анкетираните германски инвеститори имаат наведено позитивни искуства во деловната соработка со компаниите од регионот, добра деловна култура, одговорност, посветеност, едуциран и стручен кадар, како и добра географска положба и сличности во менталитетот, како едни од основните фактори за инвестирање во регионот на Западен Балкан.

Огњенка Лаловиќ, директор на Секторот за економија при Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, истакна дека 79 проценти од домашните компании од регионот на Западен Балкан се задоволни од соработката со странските  компании присутни на домашните пазари, но сепак е потребен систематски пристап во активностите насочени кон поврзување на компаниите и привлекување нови инвеститори.

На презентацијата, своите позитивни деловни искуства во регионот на Западен Балкан, ги споделија и претставниците на компаниите Актива од С. Македонија и Вослох-Швабе, странска инвестиција од Србија.

Целата студија можете да ја преземете на следниот линк: Getting Stronger After COVID-19: Nearshoring Potential in the Western Balkans (wiiw.ac.at)

м-р Сања Николова
соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување