ПРОМОВИРАНА ПЛАТФОРМАТА SAVETRAVELS.GOV.MK ЗА ПРИМЕНА НА „ЗНАК ЗА БЕЗБЕДЕН ТУРИЗАМ“
➢ Актуелно (19.05.2021, во 10:15:21)
👁 Прочитано: 888




ПРОМОВИРАНА ПЛАТФОРМАТА SAVETRAVELS.GOV.MK ЗА ПРИМЕНА НА „ЗНАК ЗА БЕЗБЕДЕН ТУРИЗАМ“

Преку посебно изработена платформа, насловена savetravels.gov.mk, за примена на Знак за безбеден туризам (Safe Travels Stamp) и на протоколите за безбедно патување од Светскиот совет за туризам и патување, и преку специјален спот, Северна Македонија ќе се претставува како безбедна ковид-дестинација, во обид да се привлечат странски туристи.

Коморите и бизнис-здруженијата се дел од овој проект и ќе се вклучат во примената на протоколите во сите сегменти од туристичката индустрија. Во проектот е вклучена и Швајцарската амбасада во земјава, која преку проектот Паладиум подготви платформа за аплицирање и видео за промоција на безбедносниот печат на Северна Македонија.

Ана Таневска-Ѓоргиевска, претседател на Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија, на промоцијата на проектот пред присутните посочи дека оваа здравствено-економска криза наметна одредени нови правила, кои ќе го насочуваат и функционирањето на секторот туризам и угостителство.

Светската туристичка организација и Советот за патувања и туризам уште лани дадоа насоки како да се позиционираат земјите ако го имаат туризмот како цел. Тоа го искористија повеќе земји уште минатата година. Успешен пример е Хрватска, која спаси сериозен дел од туристичката сезона со примена на ваквите протоколи.

„Бизнис-секторот ги препозна овие пораки и ги упати до надлежните државни институции, заедно со уште една серија предлози, уште во 2020 година“, вели Таневска-Ѓорѓиевска, укажувајќи дека примената на Знакот за безбеден туризам (Safe Travels Stamp) и на протоколите за безбедно патување на Светскиот совет за туризам и патување се од исклучително значење и дека треба што поскоро да бидат ставени во функција.

Safe Travels не се само стандардите во угостителските објекти. Тоа е систем во кој треба да се вклучат и повеќе министерства, за што неколкупати алармираме. Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи, кои со своите редовно ажурирани информации, пред сѐ, на англиски јазик ќе ја дадат целата слика за состојбата во државата, со цел Северна Македонија да се позиционира на светската туристичка карта како безбедна и сигурна дестинација.

„Во насока на поддршка на туризмот, апелираме дека е од клучно значење да бидат ставени во функција и бесплатните ПЦР-тестови за странските туристи, кои за враќање во својата земја имаат потреба да покажат негативен ПЦР-тест“, посочи претседателката на Здружението.

Угостителско-туристичкиот сектор очекува и поставување на системот за субвенционирање за оваа 2021 година, бидејќи веќе сме во втората половина од петтиот месец во годината, а нема видлива политика за поддршка на субвенционирањето странски туристи.

„Веруваме и укажуваме дека туризмот и угостителството може да бидат носечките дејности во периодот на постковид и да дадат поттик за економијата, пред сѐ, и поради фактот што имаат извозен капацитет и предзнак, што му дава дополнителна тежина на секторот“, вели Ана Таневска-Ѓорѓиевска.

Амбасадорката на Швајцарија во РС Македонија, нејзината екселенција Сибир Зутер Техада, на промоцијата на проектот посочи дека го поддржува процесот, кој преку Министерството за економија развива дигитална платформа за олеснување на примената и на надзорот на усогласеноста на безбедносниот печат на локалните туристички бизниси. 

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека на почетокот на годинава Министерството аплицираше и успеа да добие овластување од Светскиот совет за туризам и патување за примена на безбедносен печат и на протоколи за безбедно патување. Со ваквите протоколи ќе докажеме дека сме безбедна дестинација за сите туристи кои ќе ја посетат нашата држава, рече Бектеши на промоцијата.

Платформата savetravels.gov.mk сѐ уште не е достапна. Таа ќе биде место каде што сите бизниси од туристичкиот и од угостителските сектор ќе можат да поднесат барање за да влезат во процесот за добивање на знакот за безбеден туризам. Во неа се опфатени протоколите за безбеден туризам во 10 категории – угостителски објекти со храна, кафетерии, објекти за сместување туристи, даватели на услуги во активен туризам, туроператори, туристички  агенции, автокампови, ски-центри, музеи, превоз на патници и аеродроми. Барањето го пополнува секоја компанија за секој објект кој ги исполнува пропишаните протоколи и избира кој да изврши проверка. По извршената проверка на терен, доколку објектот ги исполнува протоколите, добива знак за безбеден туризам и се впишува во електронскиот регистар, кој е јавно достапен на платформата. Знакот за безбеден туризам ќе содржи и код кој ќе служи туристите лесно да пристапат до платформата и да поднесат поплака доколку објектот не ги почитува условите за безбедност во согласност со протоколите.

 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување