ЕДЕН РЕГИОН, ЕДНА ЕКОНОМИЈА
➢ Актуелно (16.05.2021, во 10:57:26)
👁 Прочитано: 853



17-та Седница на УО на КИФ донесе одлука за формирање на посебно тело за заедничко привлекување на инвестиции, заеднички настап во Берлин, Дубаи и Шангај, отворање на канцеларија и фондација на КИФ во Скопје и договор за понатамошна соработка со ЕБРД
ЕДЕН РЕГИОН, ЕДНА ЕКОНОМИЈА

1.
КИФ донесе одлука за формирање посебно тело за привлекувањe инвестиции за земјите од регионот, кое има за цел да ги вмрежи компаниите од 6-те земји на Западен Балкан (Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина). Ова значајно тело ќе го предводи Данило Цицмил – клучен човек во кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, магистрант на Хартфорт (САД), човекот во чиј мандат од 2017 година до денес, Србија има раст на странски директни инвестиции од 1,3 милијарди евра во 2014 година, на 3,8 милијарди евра во 2019 година, и има донесено над 200 фабрики од повеќе различни индустрии.
Развојот на заедничкиот регионален пазар, како единствена инвестициска дестинација  логично ја промовира одлуката за заеднички настап на Берлинскиот самит на 30 јуни 2021 година, Дубаи ЕКСПО на 1.10.2021 година и Кинескиот интернационален саем на 5.11.2021 година.

Вчера, за прв пат, заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, ја промовираше идејата на македонската Влада и Стопанската комора на Северна Македонија за изедначување на условите за инвестирање во рамките на КИФ со што би се намалила меѓусебната конкуренција. 

2.
Конечно Скопје станува седиште на претставништвото на КИФ и на новата фондација за поддршка на неговите активности.   
Коморскиот инвестициски форум е основан 2015 година и ги застапува интересите на 350.000 компании на 6-те земјите од Западен Балкан.

3.
Во рамките на активностите во Белград, претседателот Азески, имаше средба и со стариот и новиот директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Белград, задолжени за цел Западен Балкан (Сузана Харгитаи и Матео Колангели).

На средбата со Бранко Азески како копретседател на Коморскиот инвестициски форум и д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на КИФ стана збор за наредните активности на ЕБРД во земјите на Западен Балкан, за приоритетните проектни активности со фокус на инфраструктурата (енергија, телекомуникации и транспорт), но и на локалниот развој.  

ЕБРД инвестираше над 2,5 милијарди евра во земјите на Западен Балкан. Има долгогодишно и ефикасно партнерство со Европската комисија и Европската агенција за реконструкција, како и билатерални односи со Пактот за стабилност за Југоисточна Европа. Паралелно и заеднички се работи на поддршка на процесот на транзиција и промовирање на приватниот сектор и развој на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.

 
Служба за информирање при Комората