Доделени сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ на Советот на странски инвеститори под покровителство на претседателот на државата
➢ Актуелно (14.05.2021, во 15:04:57)
👁 Прочитано: 422




Доделени сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ на Советот на странски инвеститори под покровителство на претседателот на државата

Во Кабинетот на претседателот денеска беа доделени сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ кои што во изминатиов период успешно ја завршија обуката во осумте компании – членки на Советот на странски инвеститори: ЕВН Македонија АД, Комфи Ангел, Ван Хоол Македонија, Кемет Електроникс Македонија, ЕОС Матрикс Македонија, Филип Морис ТКП, Рамстор Македонија и Макстил АД Скопје.

Претседателот Пендаровски изразувајќи благодарност до овие општествено одговорни компании кои ги ставија на располагање своите капацитети, овозможувајќи им стручно усовршување на младите менаџери и бизнис-лидери, истакна дека преку оваа програма, се мотивираат младите професионалци да останат и да се реализираат тука, во Северна Македонија. Тоа, како што посочи претседателот Пендаровски ќе ја трансформира нашата држава во слободно и просперитетно општество во кое ќе се ценат квалитетот, посветеноста и професионалноста.

„Кандидатите понудија нови, свежи перспективи коишто сигурно ќе им бидат од корист на компаниите. Некои од решенијата што младите учесници ги подготвија се толку квалитетни, сеопфатни и издржани, што компаниите се подготвени и практично да ги имплементираат“, рече претседателот Пендаровски.

Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази задоволство за интересот кај дел од компаниите професионално да ангажираат неколкумина од годинашните учесници, што е големо признание за оваа лидерска програма.

„Ова значи дека сме на вистинскиот пат да создадеме генерација на млади, креативни и посветени луѓе кои не им робуваат на старите модели, туку се подготвени да се соочат со новите и брзи промени на дигиталната ера“, нагласи претседателот Пендаровски.

Претседателот на Советот на странски инвеститори Штефан Петер од своја страна потенцираше дека најдобриот резултат на програмата се понудите за работа на дел од учесниците. „Направивме одлична работа во најтешкиот период, во услови на пандемијата на Ковид-19“, истакна Петер.

Во рамки на годинашната програма кандидатите имаа можност да стекнат нови, практични искуства за стратешко планирање, да ги развијат своите лидерски вештини и да ги покажат своите знаења. „Млади менаџери и бизнис-лидери“ се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот на Северна Македонија и Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија.

 

Влатко Стојановски
Соработник во организационата единица за развој, иновации и знаења