АРБИТРАЖНИТЕ ТРЕНДOВИ И ПРАКТИКИ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЕВРОПА
➢ Актуелно (14.05.2021, во 09:03:05)
👁 Прочитано: 525




АРБИТРАЖНИТЕ ТРЕНДOВИ И ПРАКТИКИ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЕВРОПА

Mеѓународната арбитража во Централна и во Источна Европа, признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки и легитимитетот на арбитражата беа темите на кои се дискутираше во продолжението на меѓународната виртуелна арбитражна конференција БИЗНИСОТ И АРБИТРАЖАТА ВО ЕРАТА НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА: ПРЕДИЗВИЦИ И ПЕРСПЕКТИВИ, на која учествуваа повеќе од 20 говорници од 14 држави низ светот и над 100 учесници од земјата и од странство – претставници на бизнис-секторот и на правосудната фела и експерти со богато искуство од областа на арбитражното право.

Владимир Квалеи од Baker & McKenzie, Русија, во своите клучни согледувања даде „Осврт на меѓународната арбитража во Централна и во Источна Европа“, посочувајќи дека „традиционалните“ арбитражни центри, генерално, се соочуваат со пораст на бројот на арбитражни предмети и со пораст на просечната вредност на предметот на спорот, меѓутоа, воедно, се воочува и дека некои новоотворени арбитражни центри во поголема мера се придржуваат кон меѓународните стандарди и постигнуваат подобри резултати во работењето од традиционалните. Постојните трендови ќе продолжат, а генералниот раст на бројот на арбитражни предмети ќе резултира со раст на потребата од повеќе арбитри, па така се отвораат нови можности за локалните арбитри, кои треба да работат на надградба на своите интернационални профили/биографии – истакна Квалеи.

Во рамките на четвртиот панел, кој го модерираше д-р Валентин Пепељугоски од Адвокатското друштво „Пепељугоски“, учесниците имаа можност подетално да се запознаат со актуелните случувања и со праксата во однос на признавањето и на извршувањето на странските арбитражни одлуки во три држави од регионот на Југоисточна Европа.

Марија Шобат од GBS Disputes, Франција, говореше за признавањето и за извршувањето на странските арбитражни одлуки во Србија, појаснувајќи најнапред кои одлуки, во согласност со српското законодавство, се сметаат за домашни, а кои за странски. Низ призмата на достапните податоци, таа ја појасни практиката на судовите во однос на примената на Конвенцијата за признавање и за извршување на странските арбитражни одлуки од 1958 година (Њујоршка конвенција), како и во однос на одредени материјално-правни прашања (објективна и субјективна арбитрабилност, полноважност на арбитражната спогодба, право на правичен третман и јавен поредок) во контекст на признавањето и на извршувањето на одлуките.

Проф. д-р Вангел Доковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје се осврна на македонската правна практика во однос на признавањето и на извршувањето на странските арбитражни одлуки, кое е регулирано со Законот за меѓународна трговска арбитража (2006) и со Законот за меѓународно приватно право (2020). Тој појасни дека, во согласност со новиот ЗМПП, постапката за признавање странска арбитражна одлука се поведува со предлог, при што во постапката судот донесува решение за признавање, откако претходно, по службена должност, ќе испита дали се исполнети условите, имајќи ја предвид Одредбата V (2) од Њујоршката конвенција, која се однесува на повредата на јавниот поредок и на неарбитрабилноста на спорот, без сослушување на спротивната странка. Дополнително, појасни дека дури по донесување на решението за признавање, ќе го достави до спротивната странка, која има право на приговор, во смисла на Одредбата V (1) од Њујоршката конвенција. Меѓутоа, во реалноста практиката е разновидна и отстапува од постапката пропишана во согласност со важечките прописи.

Јурај Брозовиќ од Правниот факултет при Универзитетот во Загреб говореше за признавањето и за извршувањето на странските арбитражни одлуки во Хрватска, уредено со Њујоршката конвенција и со хрватскиот Закон за арбитража. Тој посебно се осврна на основите за приговарање на одлуките и на нивното разбирање низ призмата на судската практика, анализирана според достапните статистички податоци на судовите. 

Последниот, петти, панел беше посветен на легитимитетот на меѓународната арбитража, а негов модератор беше Илија Митрев-Пенушлиски од Three Crowns LLP, Франција.

Д-р Јарослав Кудрна од Министерството за финансии на Чешка говореше за транспарентноста на инвестициската арбитража, како предуслов за легитимитет на системот, меѓутоа и за рамнотежата меѓу транспарентноста и другите предности, кои треба да ги има инвестициската арбитража. 

Излагањето на д-р Кренгута Леауа од LDDP, Романија, беше мотивирано од критичарите на инвестициската арбитража, кои сметаат дека инвестициското право го ограничува регулаторниот простор на државите, односно регулаторната автономија на владите домаќини, и повикуваат на реформа за повторно воспоставување поголем регулаторен простор, особено во областите на економската и на социјалната политика. Таа подетално се осврна на одговорот на државите на неодамнешните случувања поврзани со инвестициската арбитража и, во таа смисла, на ревидирањето на билатералните инвестициски договори.

Олена Перепелинска од Integrites, Украина, говореше за повеќе прашања поврзани со инвестициската арбитража, кои може да влијаат врз легитимноста на системот. Таа се осврна на потенцијалните решенија околу формирањето мултилатерални инвестициски судови, како и на нивните добри и лоши страни.

Конференцијата организирана во пандемиски услови ја оствари посакуваната цел за доближување на европските искуства кон македонската арбитражна практика, а Арбитражата ќе продолжи да се залага одржувањето настани од ваков карактер да биде практика на годишно ниво.
 

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување