НОВ ЧЕКОР ВО ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА БИЗНИСИТЕ ПРЕКУ ПРИМЕНА НА ЕЛЕКТРОНСКИ ДОКУМЕНТИ
➢ Актуелно (07.05.2021, во 16:08:03)
👁 Прочитано: 714



Одржан дводневен „онлајн“-семинар на тема „Работа со електронски документи – законска основа, практични примери и придобивки“
НОВ ЧЕКОР ВО ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА БИЗНИСИТЕ ПРЕКУ ПРИМЕНА НА ЕЛЕКТРОНСКИ ДОКУМЕНТИ

Новите времиња наложуваат одржување ефикасност во работењето, а тоа особено дојде до израз за време на пандемијата кога најголем дел од работодавците одлучија да преземат мерки со кои се овозможи вработените да работат од дома. За непречено одвивање на работните процеси, неминовно е користењето на новите технологии, како за да се биде во чекор со конкуренцијата така и за да се задоволи продуктивноста и да се надминат бирократските процедури со кои се соочуваме во секојдневното работење.
Во насока на презентирање на новите технологии поврзани со дигитализацијата на работењето и со дигиталната трансформација на организациите, Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со компанијата „Некстсенс“, во периодот од 6 и 7 мај 2021 година реализира бесплатен „онлајн“-семинар посветен на процесот на креирање сеопфатна дигитализација преку примена на електронски документи. 

Настанот го отвори д-р Татјана Штерјова-Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан (КИФ), која истакна дека реализацијата на семинарот е во рамките на проектот „Поддршка на ЕУ за Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан“, чиј фокус е поддршка на малите и средни претпријатија од регионот во насока на интернационализација на оперативните активности, со акцент врз полесен пристап до извори за финансирање, создавање стартап-компании и за поттикнување истражувања и иновации.

Пред повеќе од 70 учесници, од експертите за дигитална трансформација од „Некстсенс“ беа презентирани решенија за работа со електронски документи, преку објаснување на основните поими за електронски документ, електронски потпис, за електронски печат, чување и користење електронски документи и за верификација на издадените електронски документи. Исто така, предмет на презентирање беа и најважните аспекти од новата регулатива поврзана со услугите од доверба, со електронските документи и со електронската идентификација.

Дополнително беше извршена презентација на алатки и на технички решенија за креирање и за потпишување електронски документи и за електронска колаборација со партнери или со државни институции, а пред присутните беше презентиранo и новото софтверско решение на Стопанската комора на Северна Македонија за дигитализирано издавање надворешно-трговски документи, со кое Комората го започна процесот на дигитална трансформација, претставувајќи прва комора во регионот која ги дигитализира своите услуги, олеснувајќи го пристапот за сите компании.

Семинарот имаше цел да даде насоки и знаења кои ќе помогнат за носење правилни одлуки за избор на стратегија и на алатки за безбедна и за ефикасна дигитална трансформација за менаџерите на компаниите да станат лидери во процесот на дигитална трансформација. 

Коморскиот инвестициски форум, како платформа на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, активно учествува во процесите на примена на проектите кои се од важност за економскиот просперитет на земјите од Западен Балкан и е еден од носечките чинители за примена на повеќегодишниот акциски план за регионална економска област. Стопанската комора на Северна Македонија, како еден од основачите на Коморскиот инвестициски форум, активно придонесува за унапредување на соработката меѓу компаниите и е поддржувач на сите активности кои водат до поголема конкурентност на компаниите преку примена на современи технологии.

 
Михајло Донев
Соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување