Макстил со донација: Целосно реновирање на Одделот за онкологија на Детска клиника Скопје
➢ Актуелно (06.05.2021, во 11:28:15)
👁 Прочитано: 991




Макстил со донација: Целосно реновирање на Одделот за онкологија на Детска клиника Скопје

„Макстил“ АД Скопје и ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка со кој отпочнаа активностите за целосно реновирање на Одделот за онкологија во оваа јавно-здравствена установа. Станува збор за донација која ќе се состои во комплетно реновирање на Одделот и поставување нов систем за вентилација и технички гасови на површина од 400 метри квадратни.


Генералниот директор на „Макстил“, Иван Бановски, во изјава за медиумите истакна дека со реновирањето на онколошкото одделение најмалите херои, децата кои се лекуваат, ќе имаат достојни услови за престој во установата, а вработените – подобрени услови за работа.

„Навистина ми е мило што повторно се собравме сите пред Клиниката за детски болести. Со потпишувањето на овој Меморандум ги почнуваме активностите за комплетно реновирање на одделот за онкологија. Воедно, со оваа донација опфаќаме и инсталирање на целосно нов систем за вентилација и нов систем за технички гасови. Се надеваме дека со овој проект на најмалите херои, на децата кои се борат со болеста ќе им обезбедиме подобри, подостоинствени услови на престој додека трае нивното оздравување. И секако подобри услови за нивните родители и за целокупниот персонал кој несебично се грижи 24 часа во денот за нивното здравје, за нивно побрзо оздравување. Оваа пандемија ни покажа колку е важна грижата за сопственото здравје и здравјето на најблиските. Токму затоа, фокусот на „Макстил“ континуирано е да вложува во заедницата и да помага во јавниот здравствен систем. Не е ова прва донација од страна на Макстил на детската клиника, но еве оттука ветувам дека нема да биде ни последна. Ние продолжуваме и понатаму како општествена одговорна компанија, ќе вложуваме каде што е најпотребно“, потенцираше генералниот директор на Макстил Бановски.

Министерот за здравство Венко Филипче изрази благодарност до „Макстил“ за општествената одговорност која компанијата ја покажува во здравствената криза.

„Компанијата „Макстил“ за цело времетраење на кризата, уште на почетокот на минатата година, но и претходно покажаа дека се компанија која е навистина општествено одговорна, која знае што значи да се инвестира во здравствениот систем. Во таа смисла, денеска само одбележавме континуитет во оваа наша соработка која започна со донација и на лична заштитна опрема, со сè што беше потребно за Инфективната клиника. Понатаму, донација за целосно опремување и реконструкција на единствената детска соба на Клиниката за неврохирургија. Минатата година, целосно беше реконструирано одделението за неонатологија на Клиниката за детски болести. И посебно денеска, ова е еден многу значаен проект којшто наскоро ќе почнат да го реализираат за што морам да изразам голема благодарност во мое лично име, во име на Министерство за здравство и во име на персоналот на клиниката затоа што се реконструира единствениот оддел во државата за детска онкологија. Тоа е оддел каде се лекуваат најтешко заболените деца од малигни болести, историски наназад гледано оддел којшто има експертиза, знаење, лекари, експерти, професори кои со години работат на ова поле, кои располагаат со најсовремена терапија и благодарение на оваа донација и инфраструктурата ќе биде средена според највисоките европски стандарди. Ова е еден многу значаен чекор, искрено се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму“, рече министерот Филипче.

Во декември 2020 година, компанијата „Макстил“ заедно со волонтерите од компанијата целосно го реновираше Одделот за неонатологија на Детската клиника кој претставува единствен оддел од таков тип во државата. Покрај реновирањето, исто така, беше набавена опрема и апарати за подобро функционирање на неонатолошкото одделение.

 
Служба за информирање при Комората