Одржана „онлајн“ работилница на тема:„ Плаќање на работата и мерки за справување со ограничениот работен процес“
➢ Актуелно (27.04.2021, во 15:13:37)
👁 Прочитано: 191




Одржана „онлајн“ работилница на тема:„ Плаќање на работата и мерки за справување со ограничениот работен процес“

Со цел да се одговори на актуелните потреби, прашања и дилеми на целисходен и ефективен начин Стопанската комора на Северна Македонија, на 27 април 2021 година, организираше еднодневна онлајн работилница на тема: „Плаќање на работата и мерки за справување со ограничениот работен процес “.

Целта на оваа онлајн работилница е  деловните субјекти да развијат подобро разбирање за актуелните редовни принципи на плаќање на работата, наспроти потенцијалните мерки кои можат да ги преземат во насока на намалување на платата, а со цел надминување на одредени ограничувања и потешкотии во работниот процес.

Во рамките на работилницата се дискутираше за составните елементи на платата како сложена категорија, при што се посочија карактеристиките на овие елементи и се направи дистинкција помеѓу основна плата, делот од плата за работна успешност и додатоците на плата. Во поглед на додатоците на плата, покрај нивно поединечно разгледување, се разгледаа и различните категории на додатоци, односно оние кои се зависни од распоредот на работното време на работникот, наспроти оние кои се зависни од одредени услови на работа потешки од вообичаените.

 Се дискутираше и за надоместоците на плата, со што се објасни кога следува исплаќање на истите, а особено се направи анализа и се потенцираа најактуелните основи за исплаќање на надоместоци на плата, од перспектива на моменталната ситуација на вонредно работење.

Во делот за плаќање на работата, се прегледаа и трошоците поврзани со работата како и основите за порамнување и задржување на исплаќањето на плата. Воедно, се анализираа мерките за намалување на плата кои може да се преземат во насока на надминување на потешкотиите во работењето, а заради спречување на порепресивни чекори како откажување на договорот за вработување.

Предавачи беа Викторија Спасовска – Симоноска, адвокат во Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право и Сашка Бошковска Богдановска, овластен ревизор, овластен сметководител и овластен проценител во „БДО“ ДОО - Скопје, со практично работно искуство во областа на ревизија, сметководство, даноци и пресметка на плати.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија