„Кемет Електроникс“ со нова фабрика во ТИРЗ Бунарџик
➢ Актуелно (23.04.2021, во 18:24:23)
👁 Прочитано: 151




„Кемет Електроникс“ со нова фабрика во ТИРЗ Бунарџик

Со инвестиција од 10 милиони евра американската компанија „Кемет Електроникс” го проширува капацитетот на фабриката во ТИРЗ Скопје 1. Се прави нова линија за автоматско производство на кондензатори за автомобили, како и нова хала, а се отвора и Центар за истражување и развој на нови кондензатори и просторија за тестирање на нови материјали.

Со тоа се предвидува бројот на вработени од сегашните 270 да се зголеми на 500. Како што истакна претставникот на „Кемет Електроникс“ Стефан Митревски, фабриката во Бунарџик е трет производител на кондензатори на глобално ниво.

-Оваа година инсталиравме нова производствена линија за автоматско производство на кондензатори во вредност од 2,5 милиони евра. За да можеме да ги задоволиме барањата на пазарот за електрични автомобили започнуваме со градење на нова хала и набавка на нови линии за автоматско полнење и производство на кондензатори со вредност од 10 милиони евра. Градежните работи би почнале во август годинава, а новата хала би се пуштила во работа во мај 2022 година, рече Митревски.

Премиерот Заев истакна дека одлуката на „Кемет Електроникс“ за проширувањето на капацитетите во Бунарџик доаѓа од една од најреномираните светски компании за производство на електронски компоненти со широк спектар на применливост.

-Елекетрониката на „Кемет Електроникс“ денес може да се најде во различни индустрии од производството на вселенски летала  до производи кои се користат во секојдневието. Компанијата е основана во 1919 година и над 100 години работи на развој на технолошки иновации во 20 фабрики во Европа, Северна Америка и Азија со над 10 илјади вработени. Заради тоа е многу значајно што оваа компанија, која веќе работи нешто повеќе од седум години во нашата земја, одлучи да ги прошири своите капацитети, рече Заев.

„Кемет Електроникс“ ја отвори фабриката во Скопје во октомври 2011 година. Наменета е за производство на електронски производи наменети за вселенската, авионската, воената и автомобилската индустрија. Фабриката е лоцирана во технолошко-индустриската развој на зона Бунарџик на површина од 11.000 квадратни метри, од кои  9.000 се производствен капацитет.

„Кемет Електроникс“ e компанија членка на Стопанската комора на Северна Македонија и на Советот на странски инвеститори.

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија