КАКО ДО ПОТТИК ЗА ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ НА МАКЕДОНСКОТО ГРАДЕЖНИШТВО?
➢ Актуелно (22.04.2021, во 20:53:17)
👁 Прочитано: 176



- Одржана седница на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали
КАКО ДО ПОТТИК ЗА ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ НА МАКЕДОНСКОТО ГРАДЕЖНИШТВО?

Градежните компании, иако со задоцнување, почнуваат сериозно да ги чувствуваат последиците од здравствено-економската криза. Зголемените трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири на снабдување предизвикаа раст на цените на градежните материјали (градежно железо, адитиви за градежништво, изолациски материјали и слично), со што се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на одредени проекти. Намалените капацитети на централната и на локалната администрација, намалувањето на интензитетот на објавување јавни набавки за градежни работи, како и предложените измени на Законот за работните односи, со кои се предвидува недела да биде неработен ден, дополнително негативно се одразуваат врз деловниот амбиент и врз условите за работа во градежништвото, кое, наместо да биде двигател на растот, може да се соочи со постепено згаснување на домашните градежни капацитети – беше укажано на виртуелната седница на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали.

Членовите на Управниот одбор, заедно со г-ѓа Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, која на покана на Здружението учествуваше на седницата, дискутираа и за примената на Законот за јавни набавки и за можните последици врз домашната оператива како резултат на најавите за инфраструктурна градежна офанзива за изградба на коридорите 8 и 10 преку потпишување меморандум за соработка со странски конзорциум и без објава на меѓународен тендер. Членките посочија дека е потребна доследна примена на Законот, во чие креирање учествуваше и бизнис-заедницата, да се земат предвид досегашните искуства поврзани со реализацијата на најзначајните капитални проекти за државата, но и да се води сметка за капацитетите и за потенцијалот со кои располагаат домашните градежни компании, а кои на овој начин немаат можност за „натпревар“ и за конкурирање за изведба на предвидените патни правци.

Предмет на дискусија на седницата беа и предлог-законот за градење и предлог-правилникот за класификација на градбите, за што се заклучи, по спроведената консултација со сите членки, подготвеното мислење за предложените акти да се достави до ресорното министерство, како и предлог-законот за работните односи, за што се заклучи компаниите членки своите предлози и коментари да ги прикачуваат на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со цел јавно искажување на аргументите зошто недела треба да остане работен ден за градежништвото, имајќи ги предвид спецификите и факторите (временските услови, технологијата, роковите за реализација и сл.) од кои зависи работењето во овој сектор.

Особена загриженост беше искажана за растот на цените на градежните материјали и за нивното влијание врз исплатливоста на проектите, особено на оние кои се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба. Во однос на ова прашање се заклучи во следниот период да се иницира, во соработка со надлежните институции, да се изнајдат соодветни решенија и економски мерки со кои ќе им се обезбеди поддршка на градежните компании и со кои ќе се неутрализираат ефектите од ценовниот раст врз (не)исплатливоста на проектитe.    
 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија