НИКОГАШ, РЕТКО, ПОНЕКОГАШ, СЕКОГАШ
👁 Прочитано: 272




НИКОГАШ, РЕТКО, ПОНЕКОГАШ, СЕКОГАШ

Економијата, технологијата и глобалниот пазар речиси секојдневно се менуваат, а процесите на менување уште повеќе ги поттикна пандемијата со корона-вирусот. Состојбите бараа брзи промени и во образовниот процес за да можат да се следат тековните промени и да се воспостават нови пристапи во стекнувањето на знаењатa, вештините и на компетенциите. Компаниите во своето работење воведуваат нови технологии и процеси, но и нов протокол за работа, за што им е потребен кадар со нови практични вештини, кој веднаш ќе може да ја користи новата технологија и кој ќе се приспособи на новите работни процеси. Од друга страна гледано, реалноста покажува дека компаниите не можат да обезбедат таков кадар за работа со новата технологија, а тоа ги отежнува идните планирања за проширување  и развој на компанијата.

Единствено решение за излез од ваквата состојба е практичната обука на учениците, која ќе се одвива на дуален начин: во училишна средина, за да се стекнат со стручни знаења, и во реална работна средина, на реални работни места, за да се стекнат со практични вештини и компетенции, кои ќе бидат апликативни на идните работни места и за новата технологија. Пристапот треба да биде приспособлив за сите.

Затоа, сакам експлицитно да наведам дека постојат различни форми на реализација на практичната обука, во кои работодавачите може да учествуваат во нејзината реализација и значително да придонесат за образовните процеси.

1.    Практична обука кај работодавач (учење преку работа) – работодавачите со својот огромен потенцијал мора несебично да ги отворат вратите на своите компании и да го овозможат учењето на реално работно место. Учениците треба да ги почувствуваат специфичните алати, средства, направи и уреди за работа и стекнатите стручно-теоретски знаења практично да ги применат преку работни задолженија. Само така ќе ги стекнат практичните вештини и искуството потребно за вработување и за професионален развојОд друга страна, тоа е можност работодавачите да ги обучуваат учениците според своите потреби и работни места и да добијат компетитивна работна сила, која е флексибилна и приспособлива за работа на различни работни места и за новата технологија.

2.    Феријална пракса – учење на реално работно место за време на летниот распуст, што бара свесност, посветеност и ефективност од работодавачот. Од вложувањето на работодавачот ќе зависат интересот и развојот на ученикот и развивањето на неговите клучни компетенции (комуникација, решавање проблеми, дисциплина во извршувањето на работните задачи, иницијативност, социјални вештини, чувство на одговорност и припадност и сл.), што во краен случај ќе се одрази врз квалитетот на праксата.

3.    Професионална пракса – има особена важност за специфичните сектори и занимања бидејќи овозможува оперативна применливост на знаењата на учениците здобиени во училиште, и од теоретски и од практичен аспект. Со професионалната пракса се отвора можноста за компаниите за регрутација на нов кадар и за избор на идната работна сила.

4.    Еднодневна посета кај работодавач – отвора можност да се набљудува конкретен процес, производ или услуга што се учи во рамките на стручно-теоретските предмети, на практичната настава или на вежбите. Во таа смисла, со вработените во компанијата ќе се разговара за почеток на процесот и за можните грешки и опасности при процесот. Ќе се разговара за материјалите што се користат, за опремата и за алатите или, едноставно, за текот на процесот, производот и сл.

Но прилагодувањето на образованието, на промените што се случуваат во економијата и технологијата, а со тоа и обезбедување стручен кадар, неможе да се случи доколку новите пристапи во стекнување на знаењатa, вештините и на компетенциите се гледаат низ призмата на воведување е-учебници, наместо модернизирање на училиштата, опремување на лабораториите и училишните работилници. Учениците мораат суштински и темелно да читаат, аналогно да размислуваат, критички да анализираат и да  донесуваат заклучоци, да го почувствуваат и доживеат тоа што го учат преку печатени учебници, а информатичката технологија да помогне во надополнување на знаењето и меките вештини преку квалитетен е-дидактички материјал.

Големите цели не се постигнуваат со ситни влогови, ниту преку ноќ. Затоа, ако сакаме да успееме, клучно е сите соодветно да бидат вклучени во процесот – образовните институции и реалниот сектор, но и учениците, училиштата и родителите. Сите сме дел од процесот и заедно мора да придонесуваме за него.

П.С. Насловот е земен од истоимениот филм „Никогаш, ретко, понекогаш, секогаш“ на американската сценаристка и режисерка Елиза Хитмен (Eliza Hittman) и симболично нè наведува на реализација на практичната обука за да има придобивка од неа.

 
м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија