Одржана виртуелна работилница на тема „Интерни мерки за надминување на тешкотиите во работењето поради ограничувањето на работниот процес“
➢ Актуелно (20.04.2021, во 13:45:18)
👁 Прочитано: 145




Одржана виртуелна работилница на тема „Интерни мерки за надминување на тешкотиите во работењето поради ограничувањето на работниот процес“

Реалноста на работењето во текот на изминатата година како неизбежен го наметнува заклучокот дека деловните субјекти навистина беа соочени со големи предизвици и тешкотии во функционирањето. Ваквите тешкотии ја нагласија потребата од поголема инвентивност во чекорите што се преземаат и од користење на сите законски механизми со цел минимизирање на штетните ефекти од ограничениот работен процес.

Со цел да се одговори на актуелните потреби, прашања и дилеми на целесообразен и на ефективен начин, Стопанската комора на Северна Македонија, на 20 април 2021 година, организираше еднодневна виртуелна работилница на тема „Интерни мерки за надминување на тешкотиите во работењето поради ограничувањето на работниот процес“.

Во таа насока, оваа работилница понуди преглед на некои од најактуелните решенија што се користат од работодавците со цел да се ограничат трошоците, а да се зачуваат работните места, како и здравјето на сите во деловниот потфат.

Работилницата, пред сѐ, ги разгледа значењето и важноста на институтот вршење на работа од дома, при што се објасни како практично да се примени ваквиот принцип на работење без да се одрази негативно врз целокупниот работен резултат. Во овој дел се елаборираше разликата меѓу вршењето работа од дома, со склучен посебен договор за вработување, наспроти воведувањето на овој институт поради наметнатите потреби од пандемијата и негово правно регулирање со интерен акт. Дополнително, се посвети особено внимание на запознавање на слушателите со нивните права и обврски во поглед на овој начин на водење на работата.

Потоа, се анализираа неколку најчесто застапени основи за отсуство од работа со надомест на плата, со особен осврт на годишниот одмор; се нагласија и карактеристиките на неплатеното отсуство, а се разгледаа и принципите на прекинување на договорот за вработување низ призмата на законските можности за раскинување на работниот однос од причини на страната на работникот и на работодавецот. Особено се нагласи потребното внимание за спроведување правилна постапка за откажување на договорот за вработување, со цел правата на сите засегнати да бидат заштитени и загарантирани.

Предавач беше Викторија Спасовска-Симоноска, адвокат во Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец & Новаковски“, предавач на обуки, семинари и на конференции со особен фокус на тематики од облигациското, деловното и од трудовото право.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија