Одржана седница на Здружението на угостителството и туризмот Иницирани нови предлог-мерки до Министерството за економија за поддршка на секторот
➢ Актуелно (20.04.2021, во 11:18:44)
👁 Прочитано: 114




Иницирани нови предлог-мерки до Министерството за економија за поддршка на секторот

Членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија одржаа седница на која беа дискутирани актуелните состојби во дејноста, во согласност со реализацијата на мерките од петтиот владин пакет, потребата од нови владини мерки во согласност со продолженото траење на здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID 19, како и новите ограничувачки мерки за работа на компаниите од туризмот и угостителството.

Во рамките на дискусијата беше констатирано дека е од особена важност веднаш да бидат ставени во функција мерките од петтиот владин пакет, во чии рамки е предвидена поддршка за секторот. Следејќи ги актуелните состојби, на седницата беа предложени и конкретни мерки за поддршка во следниот период. 

Во таа насока беше побарано:

  • продолжување на поддршката во плати и за следниот период, имајќи го во предвид фактот дека кризата особено во функционирање на дејноста туризам и угостителство се`уште трае со висок интензитет;
  • продолжување на рокот за најмалку уште една година на туристичките ваучери кои се однесуваат на аранжманите кои поради пандемијата туристичките агенции не беа во можност да ги реализираат, а средствата на клиентите ги уплатиле кон давателите на услугата во дестинацијата за каде се однесува аранжманот.;
  • Да се промовира и поддржи распишување аранжмани преку туристички агенции за ваучерите од проектот „Дома си е дома“, подржан од Владата во рамки на петтиот пакет мерки за да можат да бидат опфатени повеќе компании од ланецот на снабдување во дејноста хотелите, агенциите, водичите и превозниците, но и да се овозможи повисока искористеност и ефективност од мерката:
  • правилно и целосно имплементирање на светски дефинираниот печат „safety travel stamp“, што значи не само компаниите да добијат печат дека ги почитуваат протоколите за безбедни субјекти во рамки на дестинација, туку и целосно вклучување на надлежните институции во државата како Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи преку своите електронски гласила да имаат тековно ажурирање на податоците за актуелната состојба со Ковид-19 кризата, со што ќе може да се обезбедат валидни и реални податоци за здравствената состојба во државата и видливост спрема другите држави. Таквото позиционирање и третирање на имплементацијата на „safety travel stamp“, има значење и за дојдовниот туризам но и за перцепцијата на македонските туристи на другите пазари, од аспект на тоа од каква дестинација доаѓаат и согласно тоа отворање на границите на државите за нашите туристи и работа за outgoin туристичките агенции. Проблемот за нас е што државата е на „црвена“ листа но не затоа што имаме заразени во поголем процент од останатите земји, туку затоа што немаме никаквата координација за информирање и видливост на реалните состојби. Бизнис секторот е уверен дека туризам ќе има, но имаме мрак од информации кој не дозволува да профункционира системот. 
  • моделот на бесплатни ПЦР-тестови за странски туристи да почне да функционира;
  • моделирање на правилникот за субвенционирање и, во согласност со укажувањата на бизнис-секторот, ќе треба да биде проследено со дипломатска активност, со цел враќање на големите тур-оператори во Македонија;
  • да се ослободат од ДДВ дел од туристичките услуги на туристичките агенции кои работат дојдовен туризам за делот од програмата што не се реализира во рамките на границите на Република Северна Македонија;  
  • промена на моделот на категоризација на хотелите, од аспект на намалување на бројот на лица кои учествуваат во категоризацијата, со цел намалување на трошоците што ги плаќаат уостителските објекти за категоризација, како и измени на членови и одредби во правилникот, со цел воспоставување правилник соодветен на актуелните состојби;
  • да се конституира Комитет за туризам, како највисоко тело за туризам;
  • преку надлежното Министерство за економија да се иницира приоритетна вакцинација на вработените во секторот туризам и угостителство.

На состанокот беше посочено и следново:

  • дека се доставени дописи до коморските асоцијации за хотелиери и туристички агенции во Грција, како и до Унијата на грчки стопански комори, како партнерска комора на Стопанската комора на Северна Македонија и како дел од Асоцијацијата на балканските комори (АБЦ), за воспоставување соработка на релација Северна Македонија – Грција за слободен двонасочен проток на лица, во интерес на продлабочување на соработката, пред сѐ, на туристичката размена, како значителен дел од економската размена меѓу двете земји и можноста за нејзино продлабочување;
  • дека македонското Министерство за здравство работи на дигитализација на вакциналните документи, со што ќе се овозможи унифицирање на моделот на документите по реализирање на процесот на вакцинирање;  
  • дека Министерството за економија треба по службен пат континуирано да иницира активности кон одредени државни институции, кои се во насока на обезбедување соодветни, навремени и точни податоци, со цел Северна Македонија да биде видлива на меѓународната туристичка карта. 

Раководителот на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија, Беким Хаџиу, по исцрпната дискусија даде свое образложение за предлозите на кои размислува Министерството, со цел поддршка за секторот, и најави дека многу наскоро ќе се дебатира за новиот пакет мерки за поддршка.

Забелешките од седницата во форма на заклучоци се доставени до Министерството за економија како иницијатива за креирање нов пакет мерки за поддршка на секторот.

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија