Најголемата исплатена штета во 2020 година е за осигурување имот и изнесува 382.000 евра
➢ Актуелно (19.04.2021, во 14:39:48)
👁 Прочитано: 229




Најголемата исплатена штета во 2020 година е за осигурување имот и изнесува 382.000 евра

Меѓу најголемите поединечни исплатени штети пет се за осигурување од задолжителна автомобилска одговорност, четири од осигурување имот. Најголемата исплатена сума за штета од каско изнесува 94.000 евра, а за покритие од зелен картон е платено обештетување од  221.000 евра - покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најголемата исплатена бруто штета од осигурување лани изнесува 23,5 милиони денари (382.000 евра), исплатена на правно лице за имот. Втор највисок износ за обештетување, во конкуренција на осигурителните друштва кои покриваат ризици од неживот, е исплатен за осигурување имот од пожар во износ од 17,37 милиони денари (282.000 евра).

Според извештајот на регулаторот, од најголемите поединечни исплатени штети (за секоја од 11 компании за осигурување неживот) лани пет се за исплата на задолжителна автомобилска одговорност, четири се за осигурување имот, а по една штета за каско осигурување моторно возило и зелен картон. Најголем износ за штета која произлегува од задолжителната автомобилска одговорност лани изнесува 13,5 милиони денари (219.500 евра), а речиси ист износ исплатила осигурителна компанија  за штета што е покриена со зелен картон. Во сегментот каско осигурување најголема штета лани е исплатена во износ од 5,78 милиони денари (94.000 евра).

Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле вкупно 4 милијарди денари (65,1 милиони евра) што е на исто ниво како и во 2019 година. Од тоа за штети по полиси за неживотно осигурување компаниите на осигурениците исплатиле 3,57 милијарди денари (58 милиони евра).  Исплатите на штети по основ на осигурување живот изнесуваат 436,9 милиони денари (7,1 милиони евра) – се вели во соопштението на АСО.

 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија