ИЗГЛАСАН ПЕТТИОТ ПАКЕТ МЕРКИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ
➢ Актуелно (18.04.2021, во 20:50:54)
👁 Прочитано: 230




ИЗГЛАСАН ПЕТТИОТ ПАКЕТ МЕРКИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ

Собранието на РСМ ги изгласа законите со кои може да се ефектуира Петтиот сет на мерки. Според соопштението и на Министерството за финансии на Република Северна Македонија, фирмите погодени од ковид-кризата наскоро ќе може да аплицираат за финансиска поддршка за февруарската и мартовската плата.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими информира и дека со цел компаниите да имаат време да аплицираат продолжен е рокот за аплицирање до 30 април 2021 година, а деновиве заедно со УЈП ќе ја објават постапката за аплицирање.

Во петокот, Стопанската комора на Северна Македонија, во името на своите компании членки, кои го вработуваат секое трето лице и создаваат половина од вкупниот приход и половина од нето добивката на целиот приватен сектор во земјава, се обрати до сите пратеници во Парламентот на државата за да се изгласа Петтиот пакет мерки: "Стопанската комора на Северна Македонија, како најголема и најзначајна бизнис-асоцијација и како многу одговорен чинител на економскиот развој, во името на компаниите кои генерираат 50,3% од вкупниот приход во приватниот сектор, 47,6% од добивката во приватниот сектор, и вработуваат 33,7% од вработените во приватниот сектор, упатува апел до секој пратеник на Собранието на Република Северна Македонија да направи максимални напори за да се донесат законите со кои ќе се овозможи поддршка на македонската економија во услови на тешка здравствено-економска криза". 

Служба за информирање при Комората