ЕДНА ГОДИНА ОД ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЗЕЛЕНИТЕ КОРИДОРИ
➢ Актуелно (16.04.2021, во 16:33:14)
👁 Прочитано: 247




ЕДНА ГОДИНА ОД ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЗЕЛЕНИТЕ КОРИДОРИ

Есенцијалните добра непречено патуваат низ Зелените коридори / Зелените ленти на Западен Балкан од минатата година, благодарение на иницијативата на ЦЕФТА, Транспортната заедница, Советот за регионална соработка и Коморскиот инвестициски форум. И покрај пандемијата со КОВИД-19, медицинските материјали, прехранбените производи и сточната храна полесно патуваа низ регионот, влевајќи надеж кај деловните субјекти дека трговскиот тек ќе остане непрекинат. Во текот на изминатата година, Зелените коридори и поедноставените процедури за преминување на граничните премини ги искористиле 600.292 камиони.

Во изминатиот период ЦЕФТА, преку Системот за електронска размена на податоци (“SEED”), воспоставен со поддршка од Европската комисија, овозможи електронска размена на информации пред пристигнување на граничните премини, меѓу администрациите во рамките на ЦЕФТА. Преку SEED системот, информациите за пристигнувањето на приоритетните пратки се испраќаат однапред до сите агенции вклучени во царинење на стоки, обезбедувајќи повеќе време за документарна проверка и со тоа ослободувајќи го товарот со кој агенциите често се справуваат, што од друга страна го намалува и времето на чекање за трговците. Зелените коридори го поддржаа Западен Балкан во зачувувањето на трговско-економските активности, имајќи позитивно влијание врз нарушените трговски текови за време на пандемијата.

           „Оваа иницијатива ја смени перспективата на регионалната соработка и ја покажа својата сила. Само за неколку недели, целиот систем беше поставен, вклучувајќи стотици соработници од јавните институции, деловниот сектор и регионалните организации кои работеа како еден субјект. Ги мобилизиравме сите капацитети на зелените премини, овозможувајќи трговија да заживее. 80% од камионскиот превоз се одвивал преку Зелените коридори и скоро половина милион камиони имале корист од приоритетното поминување и поедноставените процедури во изминатата година, што имаше влијание и врз намалувањето на трговските трошоци”- изјави директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА ,Емир Џикиќ.

Членките на ЦЕФТА и регионалните партнери, во моментот работат на проширување на Зелените коридори на сите премини во рамки на ЦЕФТА, како и проширување на соработката меѓу  земјите членки на ЦЕФТА со соседните земји членки на ЕУ, со цел да се намали времето на чекање на  граничните премини за најмалку 30 %.

 
 
м-р Сања Николова
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија