ДЕНЕСКА ДА СЕ ИЗГЛАСА ПЕТТИОТ ПАКЕТ МЕРКИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ - АПЕЛ НА НАЈГОЛЕМАТА БИЗНИС-АСОЦИЈАЦИЈА ВО ДРЖАВАТА
➢ Актуелно (16.04.2021, во 13:07:44)
👁 Прочитано: 219




ДЕНЕСКА ДА СЕ ИЗГЛАСА ПЕТТИОТ ПАКЕТ МЕРКИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ - АПЕЛ НА НАЈГОЛЕМАТА БИЗНИС-АСОЦИЈАЦИЈА ВО ДРЖАВАТА

Во текот на денот пристигнуваат илјадници барања на членките на Стопанската комора на Северна Македонија да се изгласаат Законите од петтиот пакет мерки во собранието на република Северна Македонија.

Стопанската комора на Северна Македонија, во името на своите компании членки, кои го вработуваат секое трето лице и создаваат половина од вкупниот приход  и половина од нето добивката на целиот приватен сектор во земјава, се обраќа до сите пратеници во парламентот на државата.

Сведоци сме дека многу долг период во парламентот чека да биде изгласан т.н. Петти пакет економски мерки, доставен од Владата на Република Северна Македонија.  Во ситуација кога македонската економија поминува низ  многу тежок период на справување со сите последици од пандемијата со Ковид-19 исклучително е важно помошта од државата да стигне што побрзо до сите за кои е предвидена. Со петтиот пакет економски мерки, тежок околу 160 милиони евра, ќе се овозможи околу 60 илјади вработени месечно да земат плата, за некои тоа е единствениот приход во семејството, ќе им се помогне на компаниите со голем пад на приходите, на меѓународните транспортери, самостојните вршители на дејност, увозниците и извозниците, компаниите што инвестираат, но не само на правните лица туку и на граѓаните со долгови по основ камати кон јавни институции и јавни претпријатија, итн.

Имајќи го предвид значењето на поддршката во кризниот момент во кој се наоѓаме, апелираме до сите пратеници во парламентот на државата ургентно да се состанат, да го изгласаат Петтиот пакет економски мерки и целата оваа ситуација конечно да се разреши брзо и ефикасно во корист на македонската економија и граѓаните.    

Служба за информирање при Комората