ПРЕЗЕНТИРАНИ ПРОБЛЕМИТЕ И БАРАЊАТА НА ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ
➢ Актуелно (16.04.2021, во 08:09:40)
👁 Прочитано: 263




ПРЕЗЕНТИРАНИ ПРОБЛЕМИТЕ И БАРАЊАТА НА ДОМАШНИТЕ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ГРАДЕЖНИ МАТЕРИЈАЛИ

Претставници на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали одржаа виртуелна работна средба со претставници од Министерството за економија, на која се дискутираше за проблемите со кои се соочуваат домашните производители на градежни материјали и се иницираа активности за подобрување на состојбите поврзани со пласманот на материјалите на странските пазари.
Даниел Цеков, потпретседател на Здружението, истакна дека градежниот сектор, кој сочинува околу 7 % од македонското стопанство, инвестира во примена на европските стандарди, а производителите на градежни материјали дополнително инвестираат во сертифицирање на своите производи во согласност со европските норми. Меѓутоа, покрај направените напори и преземените активности за усогласување на работењето со европската легислатива, како и за обезбедување на потребните сертификати за производите, домашните компании се соочуваат со дополнителни проблеми и трошоци поради одредени нецарински мерки, кои ги преземаат некои земји од регионот, со што ја отежнуваат трговијата и создаваат пречки за пристап на градежните производи на нивните пазари.
Претставниците на бизнис-заедницата информираа дека проблемот е генерален и долгогодишен и дека се јавува при извоз на речиси сите градежни производи што се произведуваат во земјава (цемент, гранит, керамички производи, гипс, битуменски изолациски материјали, адитиви за градежништво и друго). Причина за тоа е што некои земји од нашето опкружување, кои не се членки на Европската Унија, иако декларативно ги признаваат сертификатите што се издадени во Европската Унија, редовно бараат повторно испитување и сертифицирање на материјалите во акредитирана лабораторија во самата земја (пр. во Србија) или, пак, бараат нострификација на сертификатот во земјата (пр. во Босна и Херцеговина), додека, од друга страна, нашиот пазар е отворен и не се бара од производителите и од дистрибутерите ниту да извршат нострификација на сертификатите, ниту, пак, производите да ги тестираат во домашните акредитирани институти и лаборатории. Како друг пример за нетарифни пречки во земјите од регионот (Србија) беше посочена и обврската за задолжително дозиметриско одредување на нивото на радиоактивно зрачење на секоја пратка, за поголем дел од градежните производи што се извезуваат од нашата држава, што, всушност, значи задолжително мерење на нивото на радијација во лабораториски услови во нивната земја.
Поради наведеното, беше побарано Министерството за економија, во рамките на приоритетите на Северна Македонија во претседавањето со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година, да се заложи за отстранување на нецаринските пречки во земјите од регионот, кои ги отежнуваат извозот и слободната трговија со градежни производи, а до моментот на отстранување на пречките и до влезот на државата како полноправна земја членка на Европската Унија да преземе активности за реципрочен третман и за еднаква положба на производителите од нашата држава и на производителите од државите во регионот.
Бизнис-заедницата очекува активен пристап и решавање на проблемите од страна на институциите, во насока на доследно почитување на обврските преземени до потпишување на меѓународните договори и непречено одвивање на трговијата со градежни производи во рамките на регионалниот пазар.
 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија