Вицепремиерот Битиќи на средба со Управниот одбор на Стопанска комора на Северна Македонија: Четирите пакети економски мерки реализирани со 87% успешност, а во тек е реализација на значајни активности иницирани од бизнис-заедницата
➢ Актуелно (15.04.2021, во 20:11:37)
👁 Прочитано: 164




Вицепремиерот Битиќи на средба со Управниот одбор на Стопанска комора на Северна Македонија: Четирите пакети економски мерки реализирани со 87% успешност, а во тек е реализација на значајни активности иницирани од бизнис-заедницата

На денешната онлајн седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, на која се дискутираше за моменталните состојби на економијата во земјата, присуствуваше г-дин Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции. Вицепремиерот Битиќи се осврна на реализацијата на четирите пакети економски мерки,  статусот на мерките од петтиот пакет, како и за активностите кои ги презема Владата за унапредување на бизнис климата во земјата. Тој посочи дека тоа што мерките се креирани во инклузивен процес, преку консултации со сите засегнати чинители, придонесе да истите бидат реализирани со исклучителен успех, при што анализата на реализацијата покажува дека 87% од мерките се реализирани, што пак влијаеше на тоа да се минимизира негативниот ефект врз економијата. Битиќи додаде дека успешноста на мерките се гледа и во тоа што нивната имплементацијата придонела за намалување на падот на бруто домашниот производ од 4,2%, односно доколку истите не биле спроведени, падот на БДП би бил околу 8,7%, а со нивното реализирање, бруто домашниот производ бележи пад од 4,5%.

Битиќи, во своето излагање пред членовите на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, посочи дека очекува во најбрзо време да се усвои Законот за финансиска поддршка за исплата за плати, при што со амандмански измени ќе се овозможи компаниите да може да аплицираат за поддршката до 30-ти април и на тој начин да им се излезе во пресрет. Битиќи посочи и дека со петтиот пакет на мерки се планира нова кредитна линија од Развојната банка на Република Северна Македонија, во вредност од 10 милиони евра, со која дополнително би се обезбедила поддршка на компаниите, во насока на одржување на ликвидноста.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, г-дин Бранко Азески укажа на важноста од прифаќањето на коморските заложби и иницијативи од страна на Владата во делот на укинување или намалување на парафискалните давачки, како процес којшто е веќе започнат и се спроведува во заедничка соработка помеѓу државните органи и бизнис секторот, прашањето за законско нормирање на холдингот и уредување посебен даночен режим за неговото функционирање, како и усогласување на Царинската тарифа со ЕУ, во насока на поголема конкурентност.

Вицепремиерот информираше дека е започната и постапката за формирање на единствен регистар за државна помош, кој ќе биде единствената точка за сите информации поврзани со државната помош, а со кој ќе се постигне хармонизација на планирањето и буџетирањето и ќе се добие транспарентен и отчетен систем за помошта која ја обезбедува државата кон компаниите.

Претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија беа известени дека во напредна фаза е и подготовката на измените и дополните на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со кои, поради кризата предизвикана од Ковид-19, ќе се олеснат условите за аплицирање и исплата на поддршката кон компаниите кои реализирале нови инвестиции.

На седницата се дискутираше и за Законот за стратешки инвестиции, со кој се овозможува брза реализација на проекти кои се од јавен интерес и се проекти со кои се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје или најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.

Вицепремиерот информираше дека од јануари 2021 година е започнат процесот на информирање на сите засегнати страни за креирање на долгорочната Националната развојна стратегија 2021-2041 на Република Северна Македонија, со поддршка на Амбасадата на Обединетото Кралство и Организацијата на Обединети Нации, претставувана од канцеларијата на УНДП во земјата. Процесот на креирање на Националната развојна стратегија ќе се одвива во две фази, од кои во првата фаза ќе се дефинира медотодолијата и оперативната структура која ќе ја развива стратегијата, додека втората фаза ќе биде развојот на стратегијата. Се очекува Националната развојна стратегија придонесе а меѓугенерациски, родов, меѓутнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на граѓани. Во рамки на овој проект исто така ќе се идентификуваат и зајакнат врските помеѓу сите останати стратешки важни процеси  кои се одвиваат во државата, првенствено интеграцијата во ЕУ и Агендата 2030 за одржлив развој.

д-р Елена Милевска Штрбевска
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија за правни прашања