Со донација од Еуромакс ресорцес Струмичката болница ги подобри условите на Инфективниот оддел за хоспитализација на болните од Ковид 19
➢ Актуелно (10.04.2021, во 11:01:47)
👁 Прочитано: 706




Со донација од Еуромакс ресорцес Струмичката болница ги подобри условите на Инфективниот оддел за хоспитализација на болните од Ковид 19

ЈЗУ Општа болница – Струмица го опреми Инфективниот оддел со 25 нови болнички кревети со механизам и 25 сетови кислородни протокомери, донација по повод Светскиот ден на здравјето, а наменети за хоспитализација на болните од Ковид-19. Со новата опрема се подобруваат условите на Инфективно одделение. Пациентите, кои досега беа сместени во адаптираниот ковид центар во хируршките амбуланти следната недела ќе бидат префрлени на Инфективниот оддел каде се направени потребните адаптации на просторот потребни за нега на пациентите. Според директорката на ЈЗУ Општа болница – Струмица Катерина Кузмановска испразнетите легла во хируршките амбуланти ќе останат на располагање како и досега, со што практично со донацијата од Еуромакс ресоурцес болницата ги подобрува условите и капацитетите за пациентите за интензивно лекување на инфективно одделение за болните од Ковид 19. 

Живко Груевски, одговорен за комуникација и односи со јавност во Еуромакс ресоурцес посочи дека реализираната донација е само уште еден потсетник дека битката со опасниот вирус е одговорност и на сите нас, бидејќи изминатава година на еден или друг начин, сите ја искусивме битката со невидливиот противник. Се откажавме од многу од оние работи што ги сметавме дека ни се сигурни – дружбите, образованието сега е на далечина, работиме од дома, прославите се во тесниот круг на семејството, додека вирусот не ја намали жестината со која напаѓа.

„Притисокот врз здравството, односно врз здравствените работници не се намали. Затоа и вложувањата во активности за одржување на здравјето на граѓаните, особено во битката со опасниот коронавирус, е на сите нас. Изминатава година се трудиме да одржуваме континуирана комуникација со здравствените институции во Струмица и помагаме онаму каде велат дека им е најпотребно. Веќе сме во разговори и за нови вложувања во подобрување на условите во болницата, како што се набавки на ормани за лекови, целосно реновирање на некои оддели во болницата, варосување и слично, изјави Груевски.

Кога целиот свет се соочува со глобална пандемија од епски пропорции, длабоко хумано сите да преземеме дел од одговорноста – да се придржуваме стриктно до мерките за индивидуална заштита, да се вакцинираме и приоритетно секаде и на секој можен начин да помагаме на здравствените институции и здравствените работници кои со натчовечки напори се борат за нашето здравје, посочи Груевски.

 
Служба за информирање при Комората