НАЈАВА ОД СТРАНА НА ДРЖАВАТА ЗА ДИРЕКТНА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА УГОСТИТЕЛИТЕ
➢ Актуелно (07.04.2021, во 20:58:33)
👁 Прочитано: 137




НАЈАВА ОД СТРАНА НА ДРЖАВАТА ЗА ДИРЕКТНА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА УГОСТИТЕЛИТЕ

Потпретседателот на Владата на РСМ за економски прашања Фатмир Битиќи преку својот Фејсбук профил најави нови мерки за угостителските објекти кои се затворени од денеска.

„Оние економски оператори кои овие две недели ќе бидат затворени ќе бидат опфатени со нови мерки. Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет“, пишува Битиќи.

Тој додава дека како и во вонредната состојба оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час, секако со соодветни дозволи за движење.

„Дополнително, во текот на денот можат да продаваат храна и пијалоци од шалтер (take away или to go) без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат“, подвлекува Битиќи.

 

И министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето на дневникот на ТВ Сител најави дека угостителите кои ги затворија своите објекти за гости поради препораките на Комисијата за заразни болести ќе добијат директна финансиска поддршка во вид на грантови. Моделот за поддршка веќе е направен и по консултација со коморите и здуженијата за туризам и угостителство, следната недела мерките ќе бидат објавени”, соопшти министерот за економија  Бектеши.

Тој ги повика работодавачите да не ги отпуштаат работниците, бидејќи ветената поддршка од државата ќе стигне.

“Очекуваме на почетокот на следната недела да се деблокира Собранието и да се донесат законите од Петтиот сет мерки, со кои што е предвидена исплата на плати за работниците за месеците февруари и март“, истакна ресорниот министер.

Министерот во гостувањето во дневникот на Сител кажа дека оптимист е за туристичката сезона годинава, најави дека поддршка за домашните туристички капацитети е предвидена и преку ваучерите за домашен туризам, мерка која неколку години се реализира во рамки на Министерството за економија, а во наредниот период ќе започне кампања за промоција на туристичките потенцијали на земјата.

Служба за информирање при Комората