АЗЕСКИ ДОДЕЛИ ПРИЗНАНИЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА ВО НИШ ЗА УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНАТА АКЦИЈА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ СТОПАНСТВЕНИЦИ
➢ Актуелно (05.04.2021, во 13:17:50)
👁 Прочитано: 254




АЗЕСКИ ДОДЕЛИ ПРИЗНАНИЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА ВО НИШ ЗА УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНАТА АКЦИЈА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ СТОПАНСТВЕНИЦИ

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и заменик претседател на Коморскиот инвестициски форум, и Антони Пешев,  претседавач на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија, денес во Ниш му врачија специјално признание на Александар Миличевиќ, претседател на Регионалната комора во Ниш во рамки на Стопанската комора на Србија, за одличната соработка, организација и посветеност за реализирање на акцијата за имунизација на македонските стопанственици.

Во текот на два дена (27 и 28.03.2021 година), повеќе од 2.000 македонски стопанственици – претставници од над 1.000 компании-членки на Стопанската комора на Северна Македонија беа вакцинирани во рамки на акцијата која ја организираше Комората во соработка со Стопанската комора на Србија, во рамките на Коморскиот инвестициски форум. За македонските стопанственици, вакцинацијата се одвиваше во спортскиот центар „Чаир“ во Ниш.

- Со оваа акција, докажавме дека нашата билатерална соработка, но и соработката во рамки на Коморскиот инвестициски форум е од голема важност, не само кога станува збор за економијата, туку и за секојдневното живеење. Плакетата која ја врачувам денес е само мало одбележување на посветеноста, експедитивноста, услужливоста и професионализмот кој го покажа тимот на Стопанската комора на Србија – Регионална комора во Ниш, предводен од г-дин Миличевиќ, без чиј активен ангажман немаше да биде возможна реализацијата на толку масовна акција во толку краток рок. Ваквите активности најдиректно покажуваат зошто ни е важна регионалната соработка, и колку придобивки може да имаме во целиот регион ако заеднички работиме, посочи Азески.

Во 2020 година, во вкупниот обем на трговската размена на Република Северна Македонија со светот, земјите од регионот на Западен Балкан ЗБ-6 учествуваат со 10,22%, при што реализиран е вкупен извоз во вредност од 636,4 милиони евра, и вкупен увоз во вредност од 731,5 милиони евра. Србија е трет трговски партнер на Република Северна Македонија во 2020 година, со реализиран вкупен обем на размена во вредност од 781,4 милиони евра.

Служба за информирање при Комората