Одржан „онлајн“ семинар на тема: „ Aнализа на деловното работење низ финансиските извештаи преку користење на финансиските показатели и напредни ексел алатки“
➢ Актуелно (31.03.2021, во 15:27:15)
👁 Прочитано: 275




Одржан „онлајн“ семинар  на тема: „ Aнализа на деловното работење низ финансиските извештаи преку користење на финансиските показатели и напредни ексел алатки“

Финансиската анализа претставува една алатка за препознавање на клучните елементи од  извештаите која преку сетот на финансиски показатели и нивното толкување ќе придонесе кон евалуација на тековното работење, идентификување на проблемите/областите на потенцијалните можности, развивање на буџети и имплементирање на идните стратегии кои водат кон профитабилност, солвентност и ликвидност.  

Разбирањето на финансиските извештаи помагаат во процесот на донесување одлуки за бизнисот. Претприемачите, инвеститорите и аналитичарите создаваат база на податоци низ одреден период на време која се презентира преку финансиските извештаи.

Овој фокусиран и интензивен „онлајн“ семинар на учесниците им овозможи да  ги препознат клучните елементи од финансиската слика на  претпријатието и како истите да ги разберат на начин кој ќе  помогнат во донесувањето на вистински деловни одлуки

Беа опфатени анализата на финансиски извештаи во конкретна компанија, изготвување на софтвер во ексел за финансиска анализа, финансиските показатели: индикатори за ликвидност, профитабилност, активност и задолженост, како и толкувањето на пресметани финансиски извештаи и анализа на паричните текови и нивните движења. Имајќи предвид, дека главна карактеристика на современото работење се брзите и непредвидливи промени поради што понекогаш е потребно да се направат повеќе варијанти на извештаи,  притоа имајќи ги предвид неколкуте можни алтернативни вредности на податоци, затоа на семинарот се обработи и областа за креирање на сценарија.

Предавач на семинарот беше проф.д-р Зоран Ивановски, редовен професор на Eкономскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, реномиран регионален експерт од областа на финансискиот менаџмент и предавач со долгогодишно искуство во земјата и во странство. Покрај универзитетската кариера, Ивановски е  предавач и на обуките за брокери и за инвестициски советници организирани од Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија. Успешно раководи со првата бизнис клиника во нашата земја “Business Clinic DB”.

 

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија