УПРАВУВАЊЕТО СО ТАЛЕНТИ – АЛКА ОД УПРАВУВАЊЕТО СО ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ И ГЛАВНА ОДЛИКА НА УСПЕШНАТА КОМПАНИЈА
➢ Актуелно (31.03.2021, во 15:07:08)
👁 Прочитано: 163



Одржан „онлајн“-семинар на тема „СТРАТЕГИИ ЗА УПРАВУВАЊЕ И ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ ТАЛЕНТИ“
УПРАВУВАЊЕТО СО ТАЛЕНТИ – АЛКА ОД УПРАВУВАЊЕТО СО ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ И ГЛАВНА ОДЛИКА НА УСПЕШНАТА КОМПАНИЈА

Потребата од квалитетен кадар претставува главен предуслов за развој на процесите во организацијата. Планирањето на човечките ресурси е во основата на успешноста на секоја компанија. Во основа, се работи за осмислување на структурата и на профилите на вработените со кои ќе може да се реализираат работните процеси и да се постигнат посакуваните резултати.

Случувањата со светската пандемија уште посилно ја нагласија потребата од стратегија која ќе овозможи детектирање клучни вработени и т.н. таленти, од аспект на долгорочна одржливост и раст на организациите. Управувањето со таленти е тесно поврзано со системите за управување со постигнатото, како сет алатки за управување со компанијата на сите нивоа на менаџмент.

Мотивацијата на вработените, соодветното профилирање на расположливиот потенцијал и насочувањето на талентот кон оние работни процеси и задачи кои се во корелација со знаењата, вештините и со афинитетите на секоја индивидуа претставуваат основна цел за реализација на „онлајн“-семинарот: „СТРАТЕГИИ ЗА УПРАВУВАЊЕ И ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ ТАЛЕНТИ“.

Не е сеедно какви вработени ќе привлекуваме, како ќе се снајдат тие на работното место и како ќе придонесуваат. Мал е фокусот на поставување јасни описи на работните места, кои одговараат на процесите што се реализираат. Без да ја направиме големата слика за тоа какви работни задачи опфаќа работното место не можеме да креираме профил на вработен кој ќе го бараме од пазарот на труд. Оваа потреба дополнително се наметна во време на пандемија и на криза, кога треба да се носат сложени одлуки во врска со вработените. 

Овој начин на размислување не само што има ефект за работодавецот туку на некој начин ги разјаснува и очекувањата на секој вработен во однос на работните задачи, начинот на кој се вреднуваат и потребните вештини за нивна реализација. Тоа дополнително влијае врз ангажираноста на вработените и придонесува за раст на мотивацијата на секоја индивидуа. 

Предавачи на денешниот „онлајн“-семинар беа Наташа Ивановска, консултант за човечки ресурси, сертифициран бизнис-тренер на Колеџот „Ериксон коучинг“ од Канада, како и сертифициран тренер по неколку светски методологии, и м-р Биљана Велевска, раководител на компанијата „Самеримпекс импулси“, со значајно искуство во управувањето со проекти, консултантството, во анализите, дијагностиките и во обуките, како во приватниот така и во јавниот сектор.

Центарот за едукација и развој на човечки ресурси постојано ги следи барањата и потребите на реалниот сектор. Реализацијата на теми кои се од особена важност за компаниите и кои придонесуваат за развој на човечкиот потенцијал претставува одговор на нашиот ангажман за градење јаки домашни компании кои располагаат со соодветни ресурси, добра организација и со капацитети за раст и развој, како на домашниот така и на меѓународниот пазар.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија