УПИСНА ПОЛИТИКА СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА
➢ Актуелно (31.03.2021, во 14:41:49)
👁 Прочитано: 319




УПИСНА ПОЛИТИКА СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА

„Што се однесува до Стопанската комора на Северна Македонија, согласно потребите на бизнис секторот, за 10 години од сега ја гледам Комората како институција која ќе се занимава со образованието и кадрите потребни на стопанството“  беше порака што ја упати претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, на вчерашната прес конференција во Владата на Република Северна Македонија на тема „Учи паметно, работи стручно“.

Според него, СКСМ по однос на прашањето за образованието и обезбедување на стручен кадар има конзистентен став од 2016 година, со ставот дека воведувањето на дуалното образование, Комората го смета за најефикасен модел за подготовка на соодветен стручен кадар според потребите на компаниите, а со преземањето на м-р Наташа Јаневска од Министерството за образование и наука во 2019 година, СКСМ го засили тимот на Комората и ги интензивира активностите на тоа поле, посебно со барањето дека бизнис секторот треба да биде вклучен во креирањето на уписните политики за надминување на проблемот со недостиг од квалификувана работна сила и системското уредување на дуалното образование во нашата земја.

Претседателот Азески истакна дека Влада е решена да ги направи потребните реформи во интерес на развојот на државата, но за да се заокружи тоа потребно е да се зголеми учеството на образованието во буџетот, затоа што без пари нема бизнис и нема реформи. Ја поздрави кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која се реализираше во месец фебруари, што беше поддржана и од Комората, која е основа за подготовка на конкурсот за уписи за идната учебна година, креиран според потребите на реалниот сектор на локално и регионално ниво.

- Од исклучителна важност е поддршката што ја добиваме од стопанските комори во унапредувањето на стручното образовани и обука, потенцираше Премиерот на Владата на РСМ, Зоран Заев. Од вкупно 450 компании, анализата покажа дека дури 85% од компаниите се подготвени да примат ученици за практична настава, нешто што е многу важно за создавањето на стручен и квалитетен кадар. Според Премиерот Заев, овие квалитетно квалификувани кадри ќе бидат добредојдени во компаниите кои се повеќе инвестираат во нашата земја, а поради развиената технологија одредени индустриски гранки бараат стручност и компетентност од лицата кои ги вработуваат.

- Уписната политика за прв пат е креирана преку интензивна соработка помеѓу МОН, локалните самоуправи и бизнис заедницата во земјава, со што заедно се увиде потребата за отворање на нови образовни профили и паралелки во училиштата, а имплементацијата ќе биде поддржана со значително поголем износ на буџетски средства споредбено со изминатите години, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Според неа, со новиот конкурс оваа година ќе бидат отворени се 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постоечки програми, додека дури 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училишта и компании кои изразија подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија