Амбициозен план за развој на енергетскиот сектор
➢ Актуелно (30.03.2021, во 15:44:23)
👁 Прочитано: 300




Амбициозен план  за развој на енергетскиот сектор

Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“, финансиран од Британската амбасада, денес организираа презентација на Програмата за имплементација на Стратегијата за развој на енергетиката во наредниот петгодишен период.

Сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поттикне одржливиот економски раст на земјата e визија на ергетската стратегија со која се предвидува намалување на потрошувачката на енергија за 27%, но при истовремено зголемување на БДП и зголемување на учеството на обновиливи извори на енергија од сегашните 18 на 45% во 2040 година. Ова ќе овозможи увозната зависност да не се зголеми во однос на нивотo во 2019 година. Оваа трансформација на енергетскиот сектор придонесува и за намалување на емисиите на стакленички гасови од секторот енергетика за 55% споредено со емисиите во 1990 година. Сето ова, може да се оствари по цена на енергетскиот систем која е пониска, споредено со цената во сценариото, во кое има помали инвестиции во енергетска ефикасност и ОИЕ. Оваа визија на стратегијата соодветно е пресликана и во програмата за реализација на стратегијата.

Програмата за реализација предвидува инвестиции на годишно ниво во просек помеѓу 800-900 милиони евра во периодот до 2025 година. Земајќи го мултипликативниот ефект врз економијата ова значи дека оваа маса на инвестиции за 5 години, ќе креира дополнителна вредност на БДП во износ од 3 до 4 милјарди евра. До 2040 година, под истите претпоставки, мултипликативниот ефект врз БДП би изнесувал 12 – 14 милјарди евра, што е износ кој ја надминува  вредноста на македонскиот БДП во 2019 година.  Ова покажува дека енергетиката ќе има огромно влијание врз економијата на државата и ќе помогне во нејзиниот раст.
Во програмата се предвидени над 80 мерки. Ние како држава немаме многу избор во делот на енергенси, не сме богата држава, затоа најголем број од мерките се насочени кон нашите најголеми реурси кои ни се на располагање, а тоа се енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Се предвидува да бидеме енергетски ефикасни, што ќе овозможи домаќинствата да зашедат средства, но истовремено ја истакнуваме и енергетската солидарност, односно мора да  се помага и на ранливите категории. За бизнис заедницата, постои можност за инвестирање во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, што е пак  можност за креирање на нови работни места и тоа, 3.211 во изградба и околу 2.000 во одржување, само во делот на обновливи извори на енергија и дополнителни околу 3.500 во енергетска ефикасност. За научниот сектор предвидува соработка со бизнис заедницата во делот на иновативни решенија.

Перо Авакумовски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија