БЕСПЛАТНА ОБУКА ЗА ЕЛЕКТРИЧАРИ И МЕХАНИЧАРИ ВО ТРЕНИНГ ЦЕНТАРОТ НА РУДНИК САСА
➢ Актуелно (23.03.2021)
👁 Прочитано: 323




БЕСПЛАТНА ОБУКА ЗА ЕЛЕКТРИЧАРИ И МЕХАНИЧАРИ ВО ТРЕНИНГ ЦЕНТАРОТ НА РУДНИК САСА

Во согласност со својата стратешка определба за континуирано вложување во областите кои се значајни за просперитетот на локалната заедница, како и во ресурсите кои обезбедуваат продолжување на работниот век на најголемиот рудник за олово и цинк во земјата, Рудник САСА го ре-активира својот Тренинг центар за обука во Македонска Каменица.


Новиот циклус на работа на Тренинг центарот на Рудник САСА започнува од 1-ви мај 2021 година со организација на бесплатна обука за електричари и механичари во времетраење од три месеци. Обуката е наменета за млади лица од 20 до 35 години кои се заинтересирани да го зголемат своето знаење и да стекнат практични вештини од областа на електротехниката и машинството.


Обуката ќе ја изведуваат искусни лиценцирани предавачи и обучувачи од Рудник САСА и надворешни партнерски компании. Учесниците кои успешно ќе ја поминат обуката ќе добијат соодветни сертификати кои се признаени од државата, со оглед на тоа што Тренинг центарот на Рудник САСА поседува соодветна акредитација од Министерството за образование и наука. Кандидатите кои ќе покажат најдобри резултати ќе се стекнат со дополнителни поени при аплицирање за работа во рудникот САСА.


Бројот на учесници во обуката ќе биде ограничен, а наставата ќе се одвива со физичко присуство, со почитување на сите безбедносни протоколи и превентивни мерки за заштита од Ковид-19.


За учество на обуката кандидатите треба да имаат завршено средно образование – III или IV степен машинска или електро стручна подготовка, да поседуваат организаторски способности и да се прилагодливи на тимска работа. Сите заинтересирани што ги исполнуваат овие услови треба да достават лична професионална биографија (CV) и копија од дипломата за завршено средно образование, електронски на applications@sasa.com.mk или директно во одделот за човечки ресурси на Рудник САСА, најдоцна до 01.04.2021.

Служба за информирање при Комората