ЕДЕН РЕГИОН – ЕДНА ЕКОНОМИЈА
👁 Прочитано: 403



КИФ ИМА ЕДНА ЦЕЛ – СОЗДАВАЊЕ ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛЕН ПАЗАР
ЕДЕН РЕГИОН – ЕДНА ЕКОНОМИЈА

Многупати од 2015 година досега сум пишувал за Коморскиот инвестициски форум – дека тоа е асоцијација на шесте комори на Западен Балкан, дека настанал во рамките на Берлинскиот процес како дипломатска иницијатива на канцеларката Ангела Меркел и дека претставува 350.000 компании во регионот, но никогаш досега на едно место не сум елаборирал зошто е тој толку значајна институција. Ќе се обидам да го направам тоа во 5 точки.

1. Во примената на Aкцискиот план за Заеднички регионален пазар КИФ е признат како клучен актер за две работи:

а) обезбедување континуиран дијалог со деловната заедница за нејзините клучни потреби, пречки и можности и

б) обезбедување клучни информации од реалниот сектор (компаниите) дали овој план се остварува.

2. Клучна улога за остварување на оваа цел има Бизнис-советот, кој го сочинуваат претставници на 16-те водечки компании од Западен Балкан. Бизнис-советот, врз основа на мерливи критериуми, го следи напредокот во спроведувањето на конечната цел – создавање заеднички регионален пазар – и за тоа редовно ги информира владите на земјите од Западен Балкан, како и ЕУ , што значи дека за првпат оцена за примената ќе даваат компаниите, а не форумите.

3. КИФ, со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), ја основа регионалната инвестициска платформа, го издава билтенот „Сигнал“ и работи на формирање заеднички институции, како на пример арбитражен центар, кредитни бироа и давање консултантски услуги за компаниите кои работат прекугранично.

4. Проектот „ЕУ поддршка за КИФ“, кој е поддржан со 2,5 милиони евра од ЕУ, ќе придонесе до 2022 година БДП од глава на жител во регионот да порасне од една третина од просекот на ЕУ до 40 %; увозот и извозот да пораснат на 57 %, а меѓусебната размена во рамките на регионот од 4,5 милијади да се зголеми на 6,6 милијарди евра.

5. Преку проектот за дуално образование и за учење преку работа, финансиран од Германската инвестициска бакна (KFW), ќе се зајакне важноста на пазарот на трудот со развивање на Регионалниот фонд на предизвици.

Стопанската комора на Северна Македонија е основач на оваа значајна институција и има активна улога во сиот процес, а од 1 април главен оперативец на сите овие активности ќе биде нашата соработничка д-р Татјана Штерјова-Душковска (34), досегашен национален координатор за активностите на КИФ.

Господата Живко Мукаетов и Светозар Јаневски се членови на Бизнис-советот, како дел од 16-те избрани водечки стопанственици, ја имаат улогата на контролори на сиот процес и за тоа редовно ќе ги известуваат ЕУ и владите на земјите од Западен Балкан.

Мислам дека на краток и на концизен начин успеав да ја доловам суштината, која може да се сведе во еден слоган – „ЕДЕН РЕГИОН – ЕДНА ЕКОНОМИЈА“

П.С. За целото да има сè, ќе набројам и дел од другите членови на Бизнис-советот: Самир Мане, „Балфин Груп“ (BALFIN Group); Васил Наци, „Агна Груп“; Шчечим Деволи, „Деволи Корпорејшн“; Драган Бокан, „Воли Корпорејшн“; Небојша Шапоњиќ, „Нелт Груп“ и Станко Поповиќ, „Еликсир Груп“.

 
Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија