18. Март – Светскиот ден на рециклирањето
➢ Актуелно (18.03.2021)
👁 Прочитано: 271




18. Март – Светскиот ден на рециклирањето

По повод 18 Март – Светскиот ден на рециклирањето, компанијата „Пакомак“ информира дека интересот за рециклирање во нашата земја е во постојан пораст. За правилно да се рециклира потребно е отпадот да се сортира пред да се фрли, да се научи што се рециклира, а што не и да се најде соодветниот контејнер за рециклирање.

Со цел зајакнување на отпадната инфраструктура за одложување на стакло, како еден од најделикатните рециклажни материјали, „Пакомак“ неодамна почна со имплементација на проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“. Проектот истовремено е активен во Србија и Босна, додека во нашата земја го спроведуваат Германското друштво за регионална соработка (ГИЗ), „Пакомак“ и Заединицата на единици за локална самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС).

Ова е чекор во вистинската насока кога е во прашање подигањето на колективната свест. Како продолжение на зголемениот интерес се реализираат и низа активности во рамки на овој проект, меѓу кои поставување соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во повеќе општини, спроведување кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото, и сето тоа со крајна цел зголемување на собраните количини на стакло и мотивирање на што повеќе луѓе да се приклучат кон овој процес.

Од „Пакомак“ потсетуваат дека секој од посебните контејнери има различна боја за полесно граѓаните да го идентификувате типот на амбалажен отпад кој се фрла во него. Игло-контејнерите со зелена боја се наменети за стаклен отпад, жолтите правоаголни контејнери за пластика и лименки, додека во сините контејнери се одложуваат хартијата и картонот.

Служба за информирање при Комората