ДРЖАВАТА ДА СПРОВЕДУВА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ЗА ТРУДОТ ДА НЕ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА, А МЕНАЏИРАЊЕТО НА КОМПАНИИТЕ ДА СЕ ОСТАВИ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ – ПОРАЧАА СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ
➢ Актуелно (08.03.2021)
👁 Прочитано: 663




ДРЖАВАТА ДА СПРОВЕДУВА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ЗА ТРУДОТ ДА НЕ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА, А МЕНАЏИРАЊЕТО НА КОМПАНИИТЕ ДА СЕ ОСТАВИ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ – ПОРАЧАА СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ

Стопанската комора на Северна Македонија одржа on-line панел дискусија на тема „Недела како неработен ден – какви ефекти ќе има врз македонската економија?“ како една од низата активности организирани по повод предлозите на Министерството за труд и социјална политика за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со кои се најавува дека, со исклучок на определени дејности кои изречно ќе бидат наведени, ќе биде ограничена можноста работните процеси да се организираат во недела.

Панел – дискусијата која имаа можност да ја следат претставници од компаниите и медиумите имаше за цел говорниците да ги презентираат можните импликации од најавените законски измени и дополнувања врз поодделни индустрии, како и сеопфатно да ги образложат причините зошто бизнис заедницата смета дека предложените одредби ќе имаат сериозни негативни последици врз целата македонска економија, поради што е потребно да остане можноста денот недела да биде работен ден како и досега.

Д-р Татјана Штерјова Душковска, директор на Дирекција при Комората и модератор на денешната панел дискусија посочи дека предложеното решение за ограничувањето на можноста за работа во недела или наметнувањето на дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е дел од редовниот работен процес, покренува повеќе прашања за ефектите од ова решение – како тоа ќе се одрази на продуктивноста и конкурентноста на компаниите, дали производствените процеси се од таков карактер што може да се запрат без последици и по кои параметри тоа ќе се проценува, како и дали предложените решенија може да предизвикаат странските инвеститори да ја преиспитуваат државата како дестинација за инвестиции, туристите да ја избегнуваат како туристичка дестинација, а домашните потрошувачи да се насочат кон соседните пазари. Во таа насока, истакна дека e потребно при евентуални законски измени да се земат предвид и компаративните решенија, но и границите кои ги поставуваат Директивата 2003/88 на ЕУ која уредува одредени аспекти за организацијата на работното време, како и Конвенциите 14 и 106 на Меѓународната организација на трудот, со кои и важечкото решение уредено во Законот за работните односи во моментот е целосно усогласено.

Ѓорѓи Петрушев, претседател на Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Комората посочи дека во законот не треба да се набројуваат дејностите кои ќе бидат исклучок од правилото да не се работи во недела со оглед дека тие се менлива категорија, измената на закон е процедура и тоа може да предизвика несогледливи последици. Во исто време, предвиденото законско решение не е доволно прецизно и остава простор за различно толкување од надлежните инспекциски органи, како што е случајот со предложеното решение за работни места од други дејности кои имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.

Конкретно, наведе Петрушев, во прехранбената индустрија процесите се специфични, уредени се со прописи за заштита и безбедност на храната, поради што треба веднаш да се преработуваат суровините, а има периоди во годината кога свежите суровини, како на пример млекото, се со поголеми приноси, како и сезонскиот карактер на зеленчукот, овошјето, кои наметнуваат брз и непрекинат процес за нивна преработка. Според тоа, помалку еден производствен ден ќе предизвика финансиски импликации врз работењето на компаниите и потреба за помал број на вработени.

Според Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Комората, при анализата на ваквото решение појдовно треба да се согледаат меѓународните стандарди и да се имаат предвид барањата на клиентите, и критериумите за флуктуација во склучените договори, кои изнесуваат од 15% до 25%, кога треба соодветно да се одговори на побарувачката. Капитално интензивните компании имаат инвестирано во скапа опрема, во технолошки процеси кои траат непрекинато 24 часа и со воведување на еден неработен ден во неделата, односно намалување од 14% од расположливото време за работа, нема да има економска оправданост. Воедно, со ваквото законско решение ќе се создаде и повисоко ниво на залихи, непотребни трошоци. Со ова се испраќа негативен сигнал не само кон постојните, туку и кон потенцијалните инвеститори, посебно за капитално-интензивните проекти.

Кристина Самарџиева од „Еуроникел Индустри“, како претставник од металуршкиот сектор, потенцираше дека преработката на металите е технолошки процес кој не може да се прекине, поради што овие компании имаат воведено сменска работа со задолжително обезбедување на вработените на два неработни дена во текот на работната недела согласно однапред донесен план и распоред. Решението според кое треба во секој случај неделата да се плаќа како неработен ден, и покрај обезбедените неработни денови, е дискриминирачко во однос на другите вработени од администрацијата – вели Самарџиева. Важечките одредби од ЗРО според кои се остава на работодавачот можност да го утврди работното време според потребите на работниот процес е согласно уставните принципи за слободата на пазарот и претприемништвото и секое ограничување би било спротивно на овие уставно загарантирани принципи.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите се осврна на импликациите од предложеното решение недела да биде неработен ден врз градежништвото. Пред да се пристапи кон натамошно разгледување на истото, посочи дека мора да се земе предвид работењето и организацијата на работните процеси во оваа стопанска гранка кои се условени од повеќе фактори - временските услови, роковите со кои е врзана реализацијата на проектите, технологијата, спецификите на градежните материјали и одвивањето на процесите. Оттука, посочи дека градежните компании не работат со ист интензитет во текот на целата година, поради што мора да се дозволи да се искористат сончевите денови и поволната клима во текот на годината, како и да се запазат роковите и континуитетот на изведбата, па затоа недела мора да остане работен ден за градежништвото со цел да се избегнат негативни последици врз компаниите како од финансиски така и од организациски карактер. Нашата држава има ограничени можности развојот да го заснова на искористување природни богатства, па поради тоа сметаме дека треба да го заснова, пред сѐ, врз продуктивноста на трудот и врз креирање поголема додадена вредност. Работните услови се значаен фактор за остварување на целта, меѓутоа не треба да дозволиме подобрувањето на работните услови да се гледа низ призмата на зголемувањето на празниците или неработните денови, туку низ призмата на мотивираноста и продуктивноста на работниците – заклучи Серафимовски.

Васко Илијевски од Групацијата на спортски обложувалници во своето обраќање нагласи дека индустријата на игри на среќа се одликува со одредени специфичности од аспект на понудата и побарувачката во оваа дејност, додека пак работењето и приходите на спортските обложувалници зависат од одржувањето на спортските настани, како и од слободното време на луѓето. Следствено на тоа, истакна дека игрите на среќа се најатрактивни за време на викендите, поради што евентуалната неможност за работа во недела би значела намалување на прометот за повеќе од 70%, а со тоа и намалување на 1/3 од работниците кои во моментот се најангажирани за време на викендите, а правото на одмор го остваруваат во другите денови од неделата. Покрај наведеното, дополни дека негативните ефекти би се одразиле и врз другите стопански гранки, со оглед дека индустријата на игри на среќа е поврзана и со информациско – комуникациските технологии, трговијата и други, но и врз целокупната економија особено ако се земе предвид дека од оваа индустрија годишно се слеваат околу 250 милиони евра во државната каса.

Прометот во недела учествува со 18% во вкупниот промет на трговските центри. Покрај трговијата на мало, во трговските центри со повеќе од 20% е застапена е и т.н entertainment индустрија, поради што луѓето одлучуваат да ги посетат во најголем дел за време на викендите. Со оглед на динамиката и начинот на живот особено во градските метрополи прометот остварен за време на викендите не може да се надомести во другите работни денови истакна Игор Давков од „Скопје Ист Гејт“. Дополнително, додаде дека предложеното законско решение ќе го направи неконкурентно домашното деловно опкружување и негативно ќе се одрази врз одлуките на големите трговски ланци да ја одберат нашата држава како дестинација за инвестиции, но и врз одлуките на веќе постоечките кои може да ја напуштат државата и да инвестираат во соседството каде не постои забрана за работа во недела.

Учесниците посочија и примери на други држави, кои поради финансиските загуби и намалување на бројот на вработените одлучиле да ги вратат старите решенија за работа во недела.

Според компаративните искуства, продуктивноста на трудот во нашата земја, која е пониска од просекот на земјите од регионот и не надминува 50% од просекот на европските земји, бројот на државни и верски празници и дополнително 52 неработни дена со предложените одредби ќе предизвикаат сериозни негативни последици врз целата македонска економија – беше укажано на Панел-дискусијата.

Во дискусијата беше посочено дека за почитување на правата на работниците не треба да станува збор, законите треба да се спроведуваат и тоа се подразбира, а, доколку некој не почитува, инспекциите соодветно да дејствуваат. Државата треба да пропише правила и прекршоци за нивно непочитување, да спроведува инспекциски надзор за трудот да не се злоупотребува, а менаџирањето на компаниите да се остави на работодавачите.

Љупка.И.Самарџиска

Нена Николовска

Служба за информирање при Комората