Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори одржа средба со министерот за финансии д-р Фатмир Бесими
➢ Актуелно (05.03.2021)
👁 Прочитано: 453




Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори одржа средба со министерот за финансии д-р Фатмир Бесими

Денес, во министерството за финансии се одржа работна средба на министерот д-р Фатмир Бесими и неговиот тим со претставници на компаниите членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, предводена од Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата.

На средбата беа разгледани клучните иницијативи и предлози на странските инвеститори во земјава од даночната и царинската област, кои се од значење за унапредување на работењето на компаниите со технолошки напредно производство, а во функција на зголемување на продуктивноста, конкурентноста, но и атрактивноста на земјава за задржување на постојните и привлекување нови инвеститори.

Конструктивниот пристап во разгледувањето на суштинските прашања, врз основа на доставените 22 иницијативи и предлози за кои Асоцијацијата даде образложенија за доуредување, прецизирање или измена, даде и конкретни резултати. Имено, министерството за финансии изрази подготвеност да понуди практични решенија за предочените прашања поврзани со постапките околу даноците по задршка, регулирање на примената на концептот на self-billing согласно компаративните искуства од европските земји, додефинирање јасни правила за нормираните износи на кало, расур, крш и расипување во автомобилската индустрија, пропишување номенклатура за амортизација во целост усогласена со меѓународните сметководствени стандарди и МСФИ и реалната употребна вредност на машините, усогласувањето на царинските стапки и други значајни прашања кои се од интерес на странските инвеститори.

Дел од барањата кои се однесуваат на даночниот третман на исплатениот регрес за годишен одмор, намалување на даночниот биланс уреден во член 19 од Законот за данокот на добивка и доброволната регистрација за цели на ДДВ во било кој период од годината се веќе прифатени и се очекува нивна операционализација и како трајни системски решенија.

Претставниците на Асоцијацијата изразија подготвеност за споделување конкретни искуства и учество со свои мислења и предлози при конципирањето на предлозите за измена на прописите, со кои ќе се овозможи и практична реализација на договорените заклучоци од средбата.

 

 

 

 

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија