Осигурителниот бизнис лани тежел 163,7 милиони евра
➢ Актуелно (05.03.2021)
👁 Прочитано: 450




Осигурителниот бизнис лани тежел 163,7 милиони евра

Граѓани, компании и институции минатата година купиле осигурителни полиси за животно и за неживотно осигурување во вкупна вредност од 10,06 милијарди денари (163,7 милиони евра), покажуваат официјалните агрегатни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за состојбите на осигурителниот пазар во 2020 година.

Од АСО наведуваат дека на нашиот осигурителен пазар оперираат 16 компании од кои 11 друштва продаваат неживотно осигурување, а пет се компании за животно осигурување.

Вкупната бруто полисирана премија, односно вкупна вредност на продадени полиси во 2020 година е за 270,6 милиони денари  или 4,4 милиони евра, односно пет отсто пониска од вредноста на продадените полиси во 2019 година, кога сите осигурителни друштва инкасирале 10,58 милијарди денари или 172,1 милиони евра од продажба на полиси.

Според извештајот на регулаторот, во вкупната продажба на осигурителни полиси друштвата за неживотно осигурување учествувале со 82,7 отсто. Продажбата на полиси од класите на неживотно осигурување изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра). Друштвата за животно осигурување лани од продажба на полиси наплатиле 460,2 милиони денари или 28,3 милиони евра.

Од АСО оценуваат дека здравствената пандемија лани генерално негативно влијаеше врз националната економија, а тоа се одрази и врз работата на осигурителните друштва. Нивната вкупна продажба на осигурителни продукти се намали за пет отсто. Но и покрај тоа 14 осигурителни друштва минатата година ја завршиле со добивка во вкупна вредност од 627,3 милиони денари, односо 10,2 милиони евра.

Влатко Стојановски
советник во Стопанска комора на Северна Македонија