ОСТВАРЕНА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРВИОТ СЕКРЕТАР НА АМБАСАДАТА НА УКРАИНА ВО РСМ
➢ Актуелно (04.03.2021)
👁 Прочитано: 558




ОСТВАРЕНА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРВИОТ СЕКРЕТАР НА АМБАСАДАТА НА УКРАИНА ВО РСМ

Потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, оствари работна средба со господинот Роман Буга, прв секретар, заменик на Амбасадорот на Република Украина во РСМ.

Целта на посетата беше унапредување и интензивирање на економската соработка особено во сeкторите: металургија, фармацевска индустрија, земјоделие, градежништво, туризам и ИКТ. Од страна на господинот Буга беа иницирани неколку предлози и тоа: за организирање на он-лајн деловни средби меѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји, Стопанската комора за трговија и индустрија на Украина и Платформата за јавно-приватен дијалог, составена од четирите стопански комори во РСМ во која Платформа е и Стопанската комора на СМ и потпишување на меморандум за заедничка соработка. Дополнително, беше даден предлог да се одржи и он-лајн средба меѓу претставниците на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија со Советот за инвеститори и извозници од Украина. Исто така беше дадена иницијатива за обновување на активностите на македонско-украинскиот деловен совет кој делува во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија.

Д-р Георгиева-Јовевска накратко пред присутните ја претстави целокупната работа и функционирањето на Комората и истакна дека од заеднички интерес е во наредниот период првично он-лајн како што наложуваат условите и мерките да се организираат форуми, деловни средби и други активности од интерес за компании од секторите за коишто постои потенцијал и можности за соработка.

Вкупната надворешно-трговска размена на Република Северна Македонија со Република Украина во 2020 година изнесува 115 милиони САД долари, што претставува пад од 24,50% споредено со 2019 година. Извозот изнесува 11,6  милиони САД долари, што претставува намалување од 8,67%, додека увозното салдо изнесува 103,3 милиони САД долари, или намалување од 26% споредено со 2019 година. Трговскиот дефицит изнесува 91,7 милиони САД долари за 2020 година.

Во поглед на застапеноста во структурата на извозот од РСМ кон Р. Украина застапени се производи од: фармацевтската и индустрија за преработка на тутун. На средбата господинот Буга потенцираше дека дури до 40 % на вкупно увезената свежа зелка во Р. Украина е увоз од РСМ. Додека во структурата на увозот од Р. Украина застапени се: производи од железо и профили.

Република Украина е 28-ми трговски партнер на Република Северна Македонија во 2020 година.

 

 
Јадранка Аризанковска
виш советник во Стопанска комора на Северна Македонија