РАЗВОЈОТ НА СОФТВЕРСКИ РЕШЕНИЈА КАКО ДВИГАТЕЛ ЗА РАЗВОЈ, ИНОВАЦИИ И ЗА КОНКУРЕНТНОСТ
➢ Актуелно (25.02.2021)
👁 Прочитано: 497



Одржан дводневен виртуелен семинар на тема „Управување со развојот на софтвери – тестирање и пуштање во продукција“
РАЗВОЈОТ НА СОФТВЕРСКИ РЕШЕНИЈА КАКО ДВИГАТЕЛ ЗА РАЗВОЈ, ИНОВАЦИИ И ЗА КОНКУРЕНТНОСТ

Во услови на пандемија, употребата на дигиталните технологии во работењето се наметна како неминовен услов за трансфер на процеси кон новото нормално функционирање. Во изминатите години развојот на софтверот ја издигна ИТ-индустријата, а голем дел од компаниите се фокусираа и кон извоз на софтвер и на ИКТ-услуги и надвор од границите на домашната економија.  Оттука, целосниот процес на развивање софтверско решение добива голема важност, осигурувајќи ја испораката на производ, кој има голема вредност за клиентот и за корисниците, истовремено гарантирајќи дека се запазени сите фази и чекори, од генерирање на барањето со потребните функционалности до развој, тестирање и испорака до клиентот.

За таа цел, Стопанската комора на Македонија организираше дводневен виртуелен семинар на тема „Управување со развојот на софтвери – тестирање и пуштање во продукција“, чија цел беше воведување на менаџерите во развојот на софтверски решенија, преку разработка на сите процеси што се важни, како што се управувањето со измените; барањата од клиентите; управувањето со настаните, инцидентите и со проблемите; тестирањето на развиениот софтвер како процес за осигурување на потребниот квалитет и пуштањето во финална продукција.

Предавач на семинарот беше Лука Милинковиќ, ИТ-ревизор во „НЛБ банка“ – Белград, одговорен за информациска и за апликативна контрола. Милинковиќ има повеќегодишно искуство со контрола и со управување со ИТ-ризици, со специјализација во областа на дефинирањето ИТ-процеси (ITIL-процеси) и со примена на самата контрола.

Стопанската комора на Македонија, преку Центарот за едукација и развој на човечки ресурси, активно ги следи барањата и потребите на компаниите, како и трендовите поврзани со новите технологии, сѐ во насока на навремено презентирање на новините пред претставниците од јавниот и од приватен сектор и на континуирано унапредување на работењето.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија