ИНСТРУМЕНТОТ ЗА КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ЗА ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (24.02.2021)
👁 Прочитано: 413




ИНСТРУМЕНТОТ ЗА КОФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ЗА ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ НА ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ И ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ

Стопанската комора на Македонија, во соработка со Фондот за иновации и за технолошки развој, на 24 февруари 2021 година организираше виртуелна презентација на Инструментот за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст.

Целта на Инструментот е да обезбеди финансиска поддршка за микро-, мали и за средни претпријатија и за приватни здравствени установи (ПЗУ), за да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, за да остварат забрзан раст и за да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари и отпорноста спрема пандемските и климатските кризи, преку воведување нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за нивна трансформација.

Преку овој инструмент Фондот обезбедува финансиска поддршка за микро-, мали и за средни претпријатија и за ПЗУ и тоа:

  • до 70 % од вкупниот буџет за проект, но не повеќе од 2,5 милиони денари за микропретпријатија;
  • до 70 % од вкупниот буџет за проект, но не повеќе од 5 милиони денари за мали претпријатија и
  • до 60 % од вкупниот буџет на проект, но не повеќе од 10 милиони денари за средни претпријатија.

За да биде апликантот подобен за добивање кофинансиран грант, треба да ги исполнува следниве критериуми:     

  • да е трговско друштво основано во согласност со Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија или да е приватна здравствена установа основана во согласност со Законот за установи и со Законот за здравствена заштита и регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • да не е поврзан (во согласност со Законот за трговски друштва) со друго претпријатие и/или ПЗУ, чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечниот број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, во согласност со член 10 став 1 точка 5 од Правилникот и од одредбите од јавниот конкурс, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно со научно-истражувачка установа;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка за ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски во однос на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се започнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • апликанти со над 3 (три) години постоење, до моментот на аплицирање, да немаат остварена загуба во согласност со финансиските извештаи за последните две календарски години, во согласност со член 10 став 1 точка 5 од Правилникот и од одредбите од јавниот конкурс;
  • да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиски институции, заклучно со состојбата на крај на февруари 2020 г., односно пред почетокот на кризата предизвикана од COVID 19, издадена од Македонското кредитно биро и
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за таа намена/мерка да не добива државна помош од два различни извори, поради тоа што таквата помош не е дозволена.    

Подобни активности за финансирање:

  • Набавка и воведување нови, иновативни, напредни, „зелени“ и дигитални технологии за трансформација на производствените и на деловните процеси
  • Развој и воведување нови поеколошки процеси и стандарди за производство и за работа;
  • Набавка и воведување нови дигитални решенија (софтвер, алатки, лиценци и сл.) и развој на дигитални бизнис-модели, кои може да вклучуваат дигитализација на каналите за продажба и за набавки;
  • Градење на капацитетите на менаџментот и на вработените за примена на новите технологии;
  • Подобрување на продуктивностa и на ефикасностa на производствените и/или на деловните процеси;
  • Намалување на трошоците за производство и за оперативно работење;
  • Подобрување на ефикасностa при употреба на ресурси;
  • Активности за намалување на негативното влијание врз животната средина;
  • Значително подобрување на квалитетот и додавање нови или значително подобрени карактеристики на производите и на услугите, како резултат на промените во понудата и во побарувачката, поврзани со последиците од кризата COVID 19 (вклучително стандардизација и сертификација);
  • Развивање нови канали за продажба и активности за влез или за експанзија на нови пазари – градење постабилна и поодржлива мрежа на добавувачи и
  • Листата на активности не е ограничувачка.

Подобни трошоци за финансирање:

  • Бруто-плати за вработените лица кај апликантот кои ќе бидат ангажирани на проектот. Износите на бруто-платите на вработените ангажирани на проектот треба да соодветствуваат со воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот, намалени за износот на потенцијалната државна субвенција примена врз основа на плата;
  • Трошоци за техничка поддршка (експертиза) и трошоци за договорни услуги за истражување, развој и за дигитализација (пр. тестирање, лабораториски услуги и слично);
  • Трошоци за набавка и за изнајмување опрема, софтвер, алатки од информатичка технологија, суровини и потрошен материјал, директно поврзани со реализација на проектот;
  • Трошоци поврзани со спроведување план за технолошки развој на апликантот;
  • Други оперативни трошоци, директно поврзани со реализацијата на проектот, освен оние што не се подобни за финансирање преку овој инструмент;
  • Само трошоците направени за време на проектот, во согласност со одобрениот буџет за проектот и реализирани до крајот на проектот, се подобни за финансирање.и
  • При распределба на буџетот по квартали, апликантот треба да води сметка за рамномерноста во распределбата на буџетот, односно износот за секој одделен квартал да не се разликува од другите квартали за повеќе од 30 (триесет) %.

Рокот за аплицирање е до 6.4.2021 до 14 часот.

Повеќе информации поврзани со јавниот повик се достапни на следниот линк:   https://fitr.mk/zabrzan-ekonomski-rast/

м-р Ивана Крстевска
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија