Одржана Национална конференција за претставување на Регионалниот фонд за предизвици на Западен Балкан во Северна Македонија
➢ Актуелно (23.02.2021)
👁 Прочитано: 271




Одржана Национална конференција за претставување на Регионалниот фонд за предизвици на Западен Балкан во Северна Македонија

- Ни претставува особено задоволство што Стопанската комора на Македонија е домаќин на Националната конференција за претставување на Регионалниот фонд за предизвици , со што и го потврдуваме активното учество на нашата институција во напорите на општеството за подигање на квалитетот на образовниот систем, особено во делот на обезбедување релевантно и пазарно ориентирано стручно образование, со фокус на дуалниот модел на образование и на учењето преку работа – истакна в.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ, во своето поздравно обраќање на отворањето на Национална конференција за претставување на Регионалниот фонд за предизвици на Западен Балкан, на која, наедно, беше најавено и отворањето на првиот повик за изразување интерес.

Стопанската комора на Македонија, како дел од Коморскиот инвестициски форум, заедно со коморите од другите пет земји од регионот, се залага и за унапредување и за креирање функционално стручно образование и обука за обезбедување компетентен и квалификуван кадар, во согласност со потребите на компаниите. Токму во таа насока, коморите од регионот спроведуваат заеднички активности за конкретни решенија на овие прашања, преку воведување на дуалниот модел на образование и преку обезбедување услови за регионална мобилност, со фокус на практична обука на работно место, што ќе овозможи придвижување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија и внесување европски вредности во економијата и во сите сфери на општествениот живот.

- Стопанската комора на Македонија го иницираше воведувањето на моделот на дуално образование уште во 2012 година, како синергија на теоријата во училишната средина и практичната обука во реалната работна средина, во компанија, а имавме влијание и врз зајакнувањето на реализацијата на учењето преку работа, што е додадена вредност во стручните училишта и што бара сериозна вклученост и максимален ангажман на компаниите. Ова беше препознаено и од членките, при што 63 % од компаниите се изјасниле за дуално образование, како модел кој обезбедува стручни вештини и компетенции, преку воведување 55-60 % практична обука во компаниите во образовните програми за квалификации што ќе бидат креирани според потребите на компаниите. За потребите на компаниите учествувавме во изработката на 85 образовни програми и стандарди на квалификации и преку Комората обучивме над 300 ментори од компаниите, кои ќе работат со учениците и кои ќе им го пренесуваат своето знаење и практично искуство. Самиот процес бараше да ги провериме дали имаат услови и опрема за реализација на учењето преку работа и верификувавме над 28 компании, со тенденција бројот на компаниите да расте, поради тоа што расте и свеста кај компаниите за вклучување на учениците за реализација на практичната обука, а тоа се гледа и од бројот на обучени ментори кои ќе работат со учениците – истакна Пеева-Ѓуриќ.

Таа додаде дека Стопанската комора на Македонија веќе го има нотирано недостигот од кадар со практично искуство и знаење, поради што РФП, со предвидените 2,5 милиони евра финансиска поддршка за проекти за учење преку работа и за дуален модел на образование, ќе биде значаен инструмент, кој ќе придонесе за обезбедување стручен кадровски потенцијал со релевантни вештини и подготвен за работа во напредни технолошки процеси. Фокусот на практичната обука ќе придонесе за зголемување на можностите за вработување и за намалување на стапката на невработеност.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, истакна дека истражувањата на МОН и на Стопанската комора на Македонија покажуваат дека дури 85 % од компаниите се заинтересирани да ги отворат вратите за пракса на учениците од стручните училишта. Фондот за регионални предизвици, преку финансиската поддршка, ќе воспостави нова динамика и нов поинтензивен начин на соработка меѓу компаниите и стручните училишта.

- Опремувањето на училиштата ќе значи продлабочување на можностите за создавање квалитетен и вработлив стручен кадар, поради што е од големо значење училиштата и компаниите заеднички да аплицираат за финансиската поддршка од Фондот – додаде Царовска.

Во своето обраќање, амбасадорката на Германија во Северна Македонија, н.е. Анке Холштајн, истакна дека Германија ја цени тековната иницијатива на министерката Царовска за унапредување на дијалогот меѓу институциите задолжени за средно стручно образование и компаниите, со неколкуте одржани настани поддржани од швајцарската Амбасада.

- Како придонес кон овие напори, Германија ја воспоставува оваа нова иницијатива, Регионален фонд за предизвици, која има цел да ги поддржи компаниите и училиштата за стручно образование и обука, за да ги подобрат стручното образование и практичната обука, со цел да се приспособат на бараните вештини на пазарот на трудот, а на младите да им се даде ветувачка шанса за подобра иднина – додаде амбасадорката.

Регионалниот фонд за предизвици (РФП), преку германската Влада, е делегиран од Развојната банка KfW, а се реализира преку Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (ЗБ6-КИФ), заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот. Поддршката што му ја дава Фондот на Западен Балкан е начин да се помогне во заздравувањето, растот и во подобрувањето на конкурентноста на економиите од Западен Балкан. Регионалниот фонд за предизвици (РФП) претставува уникатен инструмент за финансирање, дизајниран да ја зголеми вработливоста на завршените ученици со стручно образование, а наедно и да ја засили продуктивноста и конкурентноста на компаниите од шесте земји на Западен Балкан.

Фридер Верман, раководител на тимот на единицата за управување со фондови во Регионалниот фонд за предизвици, истакна дека целта на РФП е да ги зајакне квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука за пазарот на трудот, преку финансирање инвестиции во опрема и во инфраструктура за избрани проекти за учење преку работа или за дуален модел на образование, што се спроведуваат преку заеднички партнерства меѓу установите за стручно образование и обука и компаниите.

- Во соработка со двете страни, установите за стручно образование и обука и компаниите, Фондот настојува да го зголеми севкупниот квалитет на средното стручно образование и да го усогласи со потребите на пазарите на труд во регионот. Токму од тие причини, Фондот определи средства во висина од 2,5 милиони евра за финансирање на оваа соработка за Република Северна Македонија – додаде Верман.

Тој посочи дека првиот повик за аплицирање е веќе активен и ги покани сите заинтересирани да се пријават. Информации за процесот на аплицирање и за критериумите за селекција се достапни на веб-страницата на Фондот, но дополнително ќе бидат организирани и инфо-сесии со заинтересираните училишта и компании, со цел подетално објаснување на процесот за апликација.

На настанот свое обраќање имаа и Рене Ешеман, директор на Канцеларија на KfW за Косово и за Северна Македонија; Курт Витрих, раководител на тимот на проектот „Образование за вработување“ („Хелветас“ – Северна Македонија), и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германската индустрија во Северна Македонија, Албанија и на Косово, а присуствуваа и претставници на јавните институции надлежни за стручно образование и обука, на меѓународни организации, даватели на стручна обука, компании и на здруженија.

Повеќе информации во врска со инфо-сесиите, со работилниците што се планирани да се реализираат во наредниот период, како и со условите и со процесот за аплицирање можете да најдете на следниот линк: RCF-Use-of-funds-and-Eligibility-criteria_30012021.pdf (rcf-wb6.org) .

 
Служба за информирање при Комората