КАКО ДО ПОТТИК НА ИЗВОЗНИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА ТУРИЗМОТ?
➢ Актуелно (22.02.2021)
👁 Прочитано: 167




КАКО ДО ПОТТИК НА ИЗВОЗНИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ НА ТУРИЗМОТ?

Здружението на угостителството и туризмот, и преку оваа прес-конференција, укажува најитно да почне со функција Комитетот за туризам, највисокото тело за туризам. „Иако беше најавено формирањето на Комитетот, реализација сѐ уште нема. Ова тело од највисок ранг треба да ги разгледува предложените мерки, студии и проекти од областа на туризмот и да има овластување за усвојување и за верификација на заклучоци и на одлуки, односно да има надлежност да ги задолжи за постапување соодветните ресорни институции, со акциски план за реализација во функција на развојот на туризмот како еден од приоритетните сектори“, истакна Ана Таневска-Ѓорѓиевска, претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија

„Оттаму“, вели Таневска-Ѓорѓиевска, „произлегуваат тешкотиите за надминување на предизвиците во туризмот. Комитетот треба да дејствува како механизам за изнаоѓање решенија и за надминување на пречките за развој на туризмот, особено во кризни ситуации. Конституирањето на Комитет за туризам ќе значи потврда на заложбите за развој на туризмот и, воопшто, на економијата, доколку го земеме предвид потенцијалот на туризмот како индустрија која може да обезбеди повеќекратно повисоки приходи во буџетот од оној во 2019 година. Инаку, само како информација, првиот Комитет за туризам во земјата е формиран во 1948 година, со Уредба за основање Комитет за туризам и угостителство.

Оваа препорака претставува основен услов од кој ќе зависи начинот на справување со последиците од кризата. Во спротивно, изработката на студии, документи, проекти и на други развојни активности од областа на туризмот ќе биде во ризик од ограничените ефекти и од отежнатата реализација.

Сето ова само ја потврдува ургентноста од активирање на Комитетот за туризам за да се добие адреса за секторот. На ваква поддршка се инсистира бидејќи сметаме дека има можност, со добра, координирана, заедничка активност на релација бизнис-сектор – Влада, за основен предуслов за натамошен развој на економијата преку туризмот, како сектор со огромен потенција и капацитет за брзо обновување“, посочи претседателката на Здружението.

Во согласност со статистичките податоци за цела 2020 година, во секторот туризам состојбата е повеќе од очекувана. Негативното влијание на здравствено-економската криза, предизвикана од вирусот COVID 19, врз овој сектор е во голем обем, со 85 % пад на бројот на странски туристи, односно со 60 % пад на вкупниот број туристи. Во делот на туристичкиот промет, обемот на реализирани ноќевања од домашни туристи, споредено со 2019 година, бележи пад од 15 %, што само ги потврди нашите предупредувања дека домашниот пазар не располага со потенцијал кој може да го надомести отсуството на странски туристи. Затоа, предложивме голем број мерки за поддршка на туризмот, со специјален дизајн за да се зачуваат што е можно повеќе работни места, а на тој начин и туристичката понуда, со што дестинацијата ќе се постави во поповолна меѓународна позиција на пазарот на туризмот. Во услови кога цела 2020 година, поради меѓународните рестрикции воведени за здравствена превенција од ширење на пандемијата, граничните премини беа речиси затворени, а влезот и излезот од државата крајно отежнати, и покрај некои преземени мерки од државата со цел поттикнување на домашниот туризам, не се постигнаа посакуваните ефекти. Дури и во услови кога нашите граѓани не беа во можност да одат во други туристички дестинации поради рестрикциите, туристичкиот промет од домашни туристи е значително намален, наместо зголемен.  

Но изостанува ефектот од странските туристи, чие присуство значи поголем девизен прилив, а и поголема потрошувачка.

На неколкупати, како здружение и како сектор, сме укажувале на континуираната комуникација со владините претставници и на нашата позитивна улога во креирањето мерки за поддршка во услови на актуелната светска пандемија. По објавувањето на петтиот пакет мерки, дел од предлозите се прифатени во формата што ја предлага деловниот сектор, иако за дел од мерките имавме поинакви предлози.

Ако се има предвид дека и апелот на Владата е дека овој петти пакет мерки треба да биде стимул и дека има цел да ја придвижи економијата кон позитивни стапки на раст, бизнис-секторот од угостителството и туризмот укажува дека за да има позитивно влијание и ефект врз економијата, освен носењето мерки, потребна е и нивна реализација.

„Во комуникација со Владата предложивме и олеснување на постапката за субвенционирање, а доставен е и конкретен предлог. Тоа, според нашите сознанија, е во процедура, но сѐ уште не е во функција.

Иницијативата за олеснување на постапката за субвенционирање е со цел да се одржат постојните традиционални пазари, да се исцрпи потенцијалот на пазарите од државите од регионот, но и да се освојат нови пазари во периодот на постковид. Но, пред сѐ, акцентот го ставаме врз регионот бидејќи земјите од регионот се пазар со околу 50 милиони туристи неискористен потенцијал (без Турција).

Олеснетото, односно поедноставеното субвенционирање, на предлог на бизнис-секторот, е значајно да се реализира во најкраток можен рок за да може да се поддржи пазарот.

Досегашниот начин на субвенционирање предвидува различни износи на субвенционирање по земји. Во овие тешки услови износот да се изедначи за да се надоместат загубите на одредени пазари со други“, посочи Асим Меџедовиќ, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија. 

Во петтиот пакет мерки што го усвои Владата усвоена е мерката за поддршка на ПЦР-тестови од државата за странски гости.

„Мерката бесплатни тестови наменети за странски државјани, кои ќе докажат туристички престој во Република Северна Македонија со хотелска сметка, со ваучер издаден од туристичка агенција, кој го потврдува туристичкиот или деловниот престој на странскиот државјанин, или со друг приложен доказ, беше донесена на барање на бизнис-секторот. Владата ги препозна значењето и потребата од ваквиот тип поддршка. Но, она на што сакаме да укажеме е дека е потребна итна операционализација за таа да има позитивен ефект“, вели Александар Кузманоски, заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Како деловен сектор, и знаеме и имаме предлог како да се операционализира, па  своите предлози ги ставаме во функција на операционализација на мерката.

За организирани туристички групи тестовите да бидат направени во сместувачкиот објект каде што е сместена групата, по упатено барање од сместувачкиот објект, а резултатите да бидат издадени на англиски јазик во текот на 24 часа. Тестовите да бидат овозможени за државјаните на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава. Засега, единствени валидни тестови, според СЗО, претставуваат ПЦР-тестовите, кои до моментов се задолжителни за влез во државите членки на ЕУ, вклучително и во соседните Бугарија и Грција, но и во држави кои не се членки на ЕУ, а кои се од значење за економијата и за туризмот, како на пример Турција и Израел.

„Наедно“, вели Кузманоски, „треба да бидат подготвени протоколи за дејствување во случај на позитивни резултати од направениот тест. Протоколите да предвидуваат хотелите да издвојат 5 % од вкупниот капацитет (најмалку 2, а најмногу 10 соби) за изолација на лица со позитивен резултат, а најблиската градска или локална болница да ја следи здравствената состојба на позитивното лице до неговото оздравување. Во случај на потребна медицинска нега, лицето да биде згрижено во најблискиот COVID-центар, на товар на ФЗОМ. При вакви околности и во случај на делумно субвенционирани тестови или на ограничена цена, која нема да надминува 1.200 денари, домашните и странските партнери ќе бидат во можност да ги споделат трошоците за COVID-тестот, а сето тоа да се направи низ безбедна и низ утврдена процедура, која ќе овозможи зголемена деловна активност и проодност на патници, но и организирани туристички движења“. 

Примената на оваа мерка (проследена со олеснети процедури за субвенционирање на туризмот), поддршката на традиционалните пазари и соодветната промоција во регионот, во согласност со препораките од студиите, значително може да придонесат за ублажување на поразителните резултати и, што е најважно, за постигнување поповолна меѓународна позиција на Северна Македонија како туристичка дестинација.

На сите предложени мерки, кои стимулираат раст и развој на секторот, како надополнување сакаме да ве информираме и за активностите на приватниот сектор за организирање Македонска туристичка берза, на иницијатива на приватниот сектор, а која како настан ќе се случи на 25 и 26 февруари.

Во согласност со сето погоре кажано, сакаме да подвлечеме дека потенцијал за развој на туризмот има, и без дополнителни вложувања финансиски средства од државата. Она што е важно е да се создаваат услови преку ставање во функција повеќе договорени мерки и иницијативи, кои не бараат дополнителни вложувања од државата, а тоа се:

  • поедноставување на моделот за субвенционирање, за да може да се поддржи пазарот;
  • брза примена на мерката за ПЦР-тестови за странски туристи и  
  • формирање Комитет за туризам за да може да се креираат и законски можности за нови инвестиции во секторот. 

Зошто го кажуваме ова? Затоа што неколку клучни предлози за кои постигнавме консензус со надлежните државни институции изминатите три месеци сѐ уште не се реализирани. Тоа се мерки, иницијативи и активности кои водат кон позитивни резултати, кон раст и кон креирање дополнителна додадена вредност, и тоа во време на криза.

Низ Северна Македонија годишно транзитираат 3,5 милиони патници, што е готов пазар. И тоа треба да се има предвид.

Развој на руралниот туризам, кој може со мали вложувања да отвори значителен број нови вработувања, затоа што секои четири кревети во угостителски објект значат едно ново работно место, односно за инвестиции од страна на приватниот сектор во 1.000 нови објекти, со просек од 15 кревети, потенцијалот е 4.000 работни места. Но за да се реализира ова, потребно е да се воспостават законска рамка и можност за инвестиции.

Сето тоа овозможува и поттикнува инвестициски активности во транзитен, рурален и во планински туризам.

Туризмот е единствениот сектор кој поседува потенцијал да ги надомести настанатите економски загуби поради кризата, без дополнителни државни вложувања и поддршка, туку со правилно, координирано, заедничко дејствување на деловниот сектор и на надлежните државни институции. Овој сектор има потенцијал да постигне висок економски рамномерен регионален развој. И уште повеќе, да постигне обратна миграција град – село.

Потенцијалот на македонскиот туризам е учество во БДП со 25 %; директен ангажман во секторот на над 100.000 работници, а индиректен ангажман на двојно повеќе и директен прилив на девизи од над 1,5 милијарди евра, а сето тоа низ рамномерен регионален економски развој.

Во услови на ваква светска здравствено-економска криза, тоа на бизнис-секторот му дава за право да констатира дека токму овој сектор може да преставува ЕКОНОМСКАТА НАДЕЖ ЗА ПОСТКОВИД-РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА, но само доколку биде препознаен, доколку кон него државата се однесува со почит и доколку се создадат услови преку мерки и политики, и тоа без поголема инвестиција.

Сепак, и за справување со предизвиците од пандемијата и за достигнување на економскиот потенцијал на туризмот, неопходно е конституирање Комитет за туризам, предводен од претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Ова е единствениот начин секторот да добие своја адреса на обраќање за квалитетно справување со предизвиците и за постигнување брз економски развој преку развојни политики за туризмот.

Даниела Михајловска Василевска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија