ПИСМО ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БРАНКО АЗЕСКИ ПО ПОВОД 99-ГОДИШНИНАТА ОД СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
👁 Прочитано: 1637




ПИСМО ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ БРАНКО АЗЕСКИ ПО ПОВОД 99-ГОДИШНИНАТА ОД СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА

Најпрвин, сакам да ви ја честитам 99-годишнината од Стопанската комора на Македонија. Не треба да повторувам дека ние сме една од најстарите институции во државава, повозрасни и од самата држава, а со тоа носиме и огромна одговорност да ги оправдаме тие епитети. Во изминатиот период вложивме огромни напори, и вие, и јас како претседател да направиме институција со највисок рејтинг. Знаете од каде почнавме 2005 година и слободно можам да кажам дека дури сега добиваме признание за сето тоа.

Токму поради тоа, на една година пред нашата 100-годишнина, имаме историска шанса Комората да ја позиционираме таму каде што треба.
Најголемиот испит досега, борбата со пандемијата и длабоката економска криза, беше и сѐ уште е Рубиковата коцка во нашето работење. Изминатата година покажавме дека имаме членки достојни за почит, добар менаџмент и средства да ги оствариме нашите цели.  
Во таа насока сакам да упатам и неколку пораки.

1. До членките

Поминавме еден тежок период, но стекнавме нови искуства. Ве уверувам дека натамошната надградба на оваа институција е единствено можна ако ние се ориентираме целосно кон вас, но и вие кон нас. Тоа значи напуштање на досегашните практики на „надмудрување“ со јавниот сектор, концентрирање со сите сили кон вашето вмрежување и проектно напредување и секојдневно консултирање со нас за вашите потреби. Тоа бара целосна доверба во Комората како заштитник на вашите интереси. Нека оваа последна година од едновековното постоење биде година во која ќе го направиме најзначајниот исчекор во нашето работење.

Ние мора да бидеме свесни дека живееме во време на големи геополитички потреси и промени, регионални превирања, но, што е најбитно, и на заостанување од нашиот развој на домашен план. Разликите во релациите јавен-приватен сектор секој ден се зголемуваат. Ние одиме напред, се едуцираме, излегуваме на светските пазари, биеме битка со конкуренцијата и со тоа секојдневно се надградуваме. Јавниот сектор плива во проблемите на партизацијата, неефикасноста и на слабата стимулација. Со тоа разликите секојдневно се зголемуваат. Ние не можеме да чекаме тие разлики да се надминат, бидејќи ќе ја изгубиме трката со конкуренцијата. Затоа и Ве повикувам да се ориентираме едни кон други и да тргнеме по патот на успехот. За таа цел, во органите и телата на Комората мора да седат најспособните и наједуцираните луѓе со кои располагаме. Тоа е голема одговорност за сите вас што седите во органите и телата на Комората и затоа Ви се обраќам со молба својата работа да ја извршувате на највисоко можно професионално ниво и со тоа да ја оправдате довербата.

2. До менаџментот на Комората

За целото да има сѐ, потребно е да се направи промена и во менаџментот на Комората. Ако јас ги повикувам членките да се ориентираат кон нас, морам да бидам праведен и од менаџментот на Комората да побарам подигнување на степенот на професионалност и континуирана едукација. Денес во менаџментот на Комората сметам дека седат доволно способни луѓе за областите што ги работат. Тие мора да ја гледаат „големата слика“ и да ја стават силната индивидуалност во функција на Комората, а не на негување на некои постојни комплекси што им одземаат време. На тој начин, на исти колосек ќе ги ставиме потенцијалите и на членките и на органите, но и на менаџментот на Комората.

Завршна констатација

Неделава ја одбележуваме 99-годишнината од нашето постоење. Бидејќи мерките за спречување на пандемијата, кои ние цело време ги почитуваме, се сѐ уште во сила, се потрудивме во еден 40-минутен телевизиски прилог да ја одбележиме оваа значајна годишнина и затоа Ве повикувам, кога ќе бидете во можност, да го погледнете проектот насловен „99 години Стопанска комора на Македонија“, кој го подготвивме, а кој ќе се емитува на националниот радиодифузен сервис и на неколку национални телевизии, во повеќе различни термини, од 17.2.2021 година (среда), заклучно со 21.2.2021 година (недела) по следниот редослед.  


Премиера:
1. Македонска радио-телевизија
17.2.2021 година (среда) во 17:45 часот
2. 24 вести    – 18.2.2021 година (четврток) во 20:20 часот
3. Телма        – 18.2.2021
година (четврток) во 22:10 часот
4. Алфа ТВ    – 20.2.2021
година (сабота) во 16:30 часот

Репризи:
1. Телма         – 20.2.2021
година (сабота) во 14:30 часот
2. 24 вести     – 19.2.2021
година (петок) во 00:30 часот
                       – 20.2.2021
година (сабота) во 14:45 часот
                       – 21.2.2021
година (недела) во 8:45 часот


Од него ќе дознаете, на многу оригинален начин, и за историјата на нашата институција, но и за нашите планови за дигитализација, за напредни технологии и за еколошки стандарди. Свое обраќање ќе имаме јас и премиерот на Владата на Република Северна Македонија, но ќе има и инсерти од доделувањето на нашите награди, кои за првпат оваа година се доделија во компаниите на добитниците. Секако, тука доминираат и нашите ставови, настани и регионални иницијативи, како институција со голем рејтинг и кај нас и во регионот.

На сите вас, со кои секојдневно соработуваме и ги делиме истите проблеми, сакам да Ви се извинам доколку имало одредени пропусти и ве уверувам дека во оваа значајна година за нас, тие нема да се повторат.   

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија