ЗА ДА НИ СЕ СЛУЧИ ТУРИЗАМ, МОРАМЕ ДА ГИ ЕЛИМИНИРАМЕ АПСУРДИТЕ
👁 Прочитано: 399



Лажните охридски брендови, Хотелот „Палас“ во Охрид и проектот за развој на селскиот туризам
ЗА ДА НИ СЕ СЛУЧИ ТУРИЗАМ,  МОРАМЕ ДА ГИ ЕЛИМИНИРАМЕ АПСУРДИТЕ

Во претходниот текст пишувавме за градењето стратегија и за мерките што треба да се преземат за развој на туризмот, затоа што ефектите за зголемување на додадената вредност и на извозот се отповеќе потребни. Сметам дека нелогичностите поврзани со определени појави или случувања, кои ги нарекуваме апсурди, се тема која не треба да се избегнува и за која треба отворено да се зборува. Тоа не го правам за да им наоѓам забелешки на надлежните институции или личности, туку затоа што ваквите апсурди можат да бидат надминати само доколку се зборува за нив.

1. Зошто да се толерираат лажните копии на светски познатите охридски брендови (охридската пастрмка и охридскиот бисер) на секој чекор низ охридската чаршија?

Тука, пред сè, мислам на охридската пастрмка и на охридскиот бисер. Ендемскиот вид пастрмка е планетарно познат. Дури и делумно информираните знаат дека за нејзиниот развој се потребни години за да стаса на трпезите во елитните охридски ресторани. Но, тука имаме безброј примери за измама на туристите, при што произведената риба во рибниците се продава како охридска пастрмка. Тоа го руши имиџот на брендот и создава неверојатно лоша слика, па еве прилика за еден апел да се најде начин да се заштити брендот. Замислете ситуација во која токму пастрмката е повод туристот да дојде од најдалечните дестинации, а кога ќе седне во кафеана, добива информација дека има забрана за лов на пастрмката во последните 20 години. Тоа е исто како „Кока-кола“ да фрла милијарди за реклами и за маркетинг, а кога ќе влезеш во продавница, да ја нема. За охридскиот бисер и да не зборуваме. Денес само во охридската чаршија, од чинарот до пристаништето, има преку 25 дуќани во кои доминираат бижутеријата и полудрагите камења. Во сите нив има понуда и на „охридски бисери“, кои претставуваат бледа копија и кои се продаваат под брендот на охридските бисери. Има ли потреба на ваков начин да се уништуваат светски познатите брендови на Охрид?

2. Хотелот „Палас“, наместо топ локација во туристичката разгледница на градот, стана пример за нашата транзициска глупост

Затворањето на хотелот „Палас“ пред 25 години претставува сериозен апсурд од неколку причини: прво, самиот објект, кој е еден од најубавите архитектонски дела; второ, самата локација во епицентарот на Охрид, и трето, подемот на туристичкиот бизнис во изминатите години. Да имаш таков објект, кој зрачи со раскош, на таква локација и со толку многу содржини, а да го затвориш, е сериозен апсурд.

Причината, како и секогаш, е банална – постапка за враќање денационализирани имоти во партерниот дел на хотелот, кон езерото, а како врв на апсурдот е прогласувањето на хотелот за културно-историски споменик за да не може да се реновира. И на крајот, најголемиот апсурд – да залепиш на него и на негово земјиште да сакаш да изградиш комерцијален објект, кој го спречува погледот кон стариот дел на градот, е еклатантен пример за нашата транзициска глупост.

3. Проект за развој на селскиот туризам – наша традиција од 60-тите години или откривање „топла вода“ во 21 век?

Роден сум спроти главниот влез на Хотелот „Палас“. Првото нешто на што се сеќавам се холандските туристи пред Хотелот „Палас“ како се подготвуваат да одат на селски туризам во селото Велестово. Значи, ’64-’65 година во Охрид доаѓаат холандски туристи и за нив се организира селски туризам во време кога врските со европските држави се сѐ уште проблематични, а селскиот туризам изгледа како вообичаена работа, бидејќи разликите меѓу селото и градот и не се толку големи. Денес да тврдиш дека си измислил „топла вода“ во друго пакување и да трошиш државни пари за такви проекти е врв на апсурдите. Каде е тука нашата инвентивност да внесеме нови содржини и други алтернативи? Затоа што одењето за Велестово качен на магаре при одличен асвалтиран пат, до каде што можеш да стигнеш за 5 минути, за мене е глупост. Туристичките работници денес треба да размислуваат да понудат или хотелска тура до врвот на Галичица, од каде што се гледаат двете езера, или до островот Голем град во Преспа, од каде што се гледаат трите држави, но таму да има интернет-кафулиња, ресторани за брза храна или вегански лаунч-барови.

II. Мостови – симбол на големите градители

Наспроти апсурдите, во овој текст ќе го прикажеме Мостот на поезијата во Струга, кој на едно место обединува личности од различни земји од светот, како што треба да се обединети сите чинители во градењето на стратегијата за развој на туризмот. Тоа е едноставен дрвен мост, изграден над реката Црн Дрим, која тече низ градот Струга, но со големо значење, бидејќи секоја година, на крајот на август, на Мостот се изведува завршната манифестација на еден од најпознатите светски фестивали „Струшките вечери на поезијата“. На овој мост, вечерта на завршната манифестација, поети од сиот свет читаат поезија на сопствениот јазик. Таа ноќ Мостот се претвора во најголемата поетска сцена во светот.

П.С. Во наредниот текст ќе обзнаниме неколку иницијативи за подигнување на нивото на туризмот во Охрид, нашиот најголем туристички центар.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Македонија