СТРУЧНО Е КЛУЧНО
👁 Прочитано: 6887




СТРУЧНО Е КЛУЧНОКликни за повеќе

Со почетокот на здравствената криза, минатата година, како резултат на КОВИД-19 вирусот, покрај здравството на удар се најде и образованието. Уште на почетокот, по прекинот на наставата поради кризата, се јавија поделени мислења за продолжување на реализацијата на образовниот процес. Едни мислења беа за реализација на наставата со физичко присуство, други беа за виртуелна настава со користење на достапната дигитална технологија, трети за комбиниран приод.

Годинава, образованието е повторно на тема, но овој пат за новата Концепција за основно образование. И добро е кога јавноста се интересира и дебатира за образованието. На таков начин можат да се јават конструктивни идеи и предлози, но сепак, многу е важно соговорниците да имаат отворен ум и да бидат подготвени за критика, самокритика и прифаќање на мислењата. За Концепцијата за основно образование не би сакала да коментирам во овој текст, но сакам гласно да споделам една интересна појава за која сметам дека нашата држава е единствен пример. Пишувачите на концепции, стратегии и останати образовни реформи се речиси исти луѓе, кои истовремено го негираат претходно, од нив напишаното, уште пред да завршат процесите, без да се направат анализи за имплементацијата и настапуваат со навидум „нови идеи“. И сè така со години. А многу малку се зборува за потребата од дводневни или повеќедневни квалитетни обуки на наставниците, наместо импровизација од обуки, за зголемување на буџетот во образованието, за подобрување на условите за работа на наставниците и опремување на училиштата, наместо наставниците самите од сопствени средства да набавуваат нагледни материјали, за измена на методологијата на оценување, за намалување на наставните содржини по предметите и зголемување на бројот на часови за вежби за да можат наставниците да се посветат на поврзаноста и применливоста на знаењето, за вистинската улога на родителите во образовниот процес и за целосна реформа на факултетите кои ги подготвуваат и ги образуваат нашите наставници.

Денес, сакам да зборувам за два позитивни примери што се случуваат во стручното образование и обука, наспроти дискусиите за Концепцијата за основно образование кои мислам ќе траат до недоглед, и тоа во време кога сè уште трае здравствената, надополнета со економска криза, и кога вкупно 57% од директорите во нашата земја очекуваат пораст на стапката на невработеност и предвидуваат раст на БДП помал од 0,5%, според истражувањето што го споведе ревизирско-консултанската куќа Делојт (Deloitte), а од друга страна, според анализите на Стопанската комора на Македонија, 65% од компаниите се соочуваат со недостиг на стручен кадар.

Прво, за да го обезбедат потребниот кадар кој истовремено е квалификуван и стручен и придонесува за поголема продуктивност на нивните компаниите, развиените земји во Европа фокусот го ставаат на стручното образование и обука кое е подготвено да одговори на потребите на стопанството. Тоа беше целта, преку Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, чија членка е Стопанската комора на Македонија, и Регионалниот фонд за предизвици, а финансиран од Германската инвестициска банка, деновиве да започне реализацијата на новиот проект за набавка на опрема за стручните училишта и компаниите со посебен акцент на реализацијата на практичната обука на учениците во компаниите и обуки за наставниците за унапредување на нивните вештини и компетенции кои ќе им помогнат да воведуваат креативни и иновативни пристапи во реализацијата на наставата како резултат на новите техники и технологииИ разбирливо е, учеството во овој проект бара отворена соработка помеѓу образовниот и реалниот сектор, односно стручните училишта и компаниите во кои би се реализирала практичната обука на учениците. 

Ставањето акцент на практичната обука го прави стручното образование да биде значајно од два аспекта: првиот, преку секојдневните работни задачи во компанијата, учениците имаат можност да се стекнат со практично искуство и работна навика, а вториот аспект е преку практичната обука во компанијата учениците да се запознаат со работната средина и со самата компанија, со нејзината организациска структура, што придонесува за професионално изградување и карактерно оформување на учениците за побрзо и полесно интегрирање во самата организација на компанијата и посветеност во работењето.

Второ, позитивен пример се активностите што ги реализираат Министерството за образование и наука, Стопанската комора на Македонија и локалните самоуправи низ градовите, каде на едно место се собрани стручните училишта, образовните институции, локалната самоуправа и компаниите од градовите и регионот и преку еден отворен и јасен дијалог, насловен како „Учи паментно, работи стручно“ секој има можност да ги изнесе своите потреби.  Тоа ќе ја даде реалната слика што треба да се подобри за да се усогласат понудата и побарувачката на квалификации на локално и на национално ниво, и ќе поттикнат креирање и модернизирање на наставни програми според актуелните потреби на реалниот сектор.

Но за да имаме успех од социјалниот дијалог и соработката помеѓу сите чинители во процесот мора да постои меѓусебно разбирање. Тоа значи дека сите сме разбрале што сакаме да постигнеме и какво сакаме да биде стручното образование. Само во тој случај ќе можеме заеднички да се вложуваме да го подобриме квалитетот на стручното образование и обука, да го направиме релевантно на потребите на пазарот на труд и атрактивно за сегашните и за идните генерации што ќе придонесе за обезбедување стручен кадар по мерка на реалниот сектор.

За крај ќе завршам со мислата на познатиот американски филозоф, психолог и реформатор на образованието Џон Дјуи (John Dewey): „Образованието не претставува подготовка за животот. Самото образование е животот.“ 

 
 
м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората