ПРЕКУ СОРАБОТKА НА ЛОКАЛНО НИВО - ДО ПОГОЛЕМА АТРАКТИВНОСТ НА СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ
➢ Актуелно (09.02.2021)
👁 Прочитано: 694




ПРЕКУ СОРАБОТKА НА ЛОКАЛНО НИВО - ДО ПОГОЛЕМА АТРАКТИВНОСТ НА СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

Во рамки на социјалниот дијалог насловен „Учи паметно, работи стручно“ беа реализирани трибини во Струга и во Охрид, чија цел беше презентирање на резултатите од спроведените анализи за потребите од образовни програми на локално ниво, како и поттикнување на вклученоста на приватниот сектор во креирањето на нови квалификациии согласно локалните потреби.

Пред присутните претставници од бизнис заедницата, средните стручни училишта и локалните самоуправи свое обраќање имаше и заменикот министер за образование и наука, Арафат Шабани, кој пред присутните ги елаборираше резултатите од анализата на постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. Од 450 компании од цела држава, дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар“, изјави Шабани.

Фактот дека секој трет вработен во државата работи во компанија членка на Комората, доволно говори за потребата од застапување на интересите на компаниите во насока на обезбедување на квалитетно стручно образование кое ќе продуцира адекватен стручен кадар. Комората е вклучена во образовните процеси и заедно со своите членки има дадено допринос во изработна на повеќе од 85 образовни програми и стандарди кои поттикнуваат вклученост на компаниите во креирањето на образовните програми и реализацијата на практична обука кај работодавач, верификацијата на работодавачи е дополнителна гаранција кон градењето на јавно приватно партнерство помеѓу приватниот сектор и средните стручни училишта, изјави Михајло Донев, соработник во Стопанската комора на Македонија.


Пред присутните беше презентирана соработка на компании и училишта од регионот на Охрид и Струга преку примерот на компаниите Костал, ОДВ Електрик и ЛТХ Леарница со ССОУ „Св.Наум Охридски“ од Охрид, каде веќе ученици имаат можност да учат по програма која е усогласена со потребите на реалниот сектор, истовремено имајќи можност теоретското знаење да го потврдат со практична настава во овие компании каде лице ментор од компанијата е задолжено за следење на нивниот прогрес за време на обавување на учењето преку работа.

„Учи паметно, работни стручно“ дополнително го поттикнува социјалниот дијалог, давајќи исклучителна можност на локално ниво да се воспостави соработка помеѓу приватниот сектор и средните стручни училишта, а предлозите кои ќе поизлезат од ваквиот дијалог ќе бидат разработени и согласно потребите профилите ќе бидат отворени за запишување на учениците во средните стручни училишта уште во следанта учебна година - 2021/2022 година. 

Овој процес се реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија и во рамки на истиот веќе беа реализирани трибини во повеќе градови, се со цел приближување на ова значајно прашање до сите засегнати страни, како и создавање можност за идна соработка на локално ниво помеѓу приватниот сектор и образовните институции од тој регион.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија