ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРЕДЛОГ – МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА ПРОЦЕНА НА ВРЕДНОСТ НА НЕДВИЖЕН ИМОТ
➢ Актуелно (05.02.2021)
👁 Прочитано: 531




ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ЗА ПРЕДЛОГ – МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА ПРОЦЕНА НА ВРЕДНОСТ НА НЕДВИЖЕН ИМОТ

Во насока на соодветно уредување на методите и показателите за утврдување и спроведување на процената на пазарната вредност на недвижниот имот и надминување на проблеми со кои компаниите се соочуваат во практиката при пренос на правото на сопственост на имотот, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија во изминатиот период покрена Иницијатива за преиспитување на Методологијата за процена на пазарната вредност на недвижниот имот.
Во контекст на наведното, предмет на дискусија на денешната „оnline“ работна средба која Здружението ја одржа со претставници на Министерството за транспорт и врски и Град Скопје беше новата Методологија за процена на вредност на недвижен имот што ја изготви и достави Министерството, при што подетално беа образложени предложените решенија за процена на вредноста на имотот и се отвори дискусија за импликациите од нивната практична примена.
Претставниците на Здружението информираа дека досегашните реакции на компаниите – членки во однос на постојната Методологија беа во делот на процената на недвижниот имот за даночни цели со оглед дека во практиката се случува пазарната вредност на имотот, утврдена од страна на општинската администрација во согласност со постојната Методологија, да не соодветствува и да е значително повисока од реалната купопродажна вредност на имотот што е договорена меѓу купувачот и продавачот. 
Од Министерството за транспорт и врски истакнаа дека новата Методологија за процена на вредност на недвижниот имот предвидува одделно дефинирани пристапи за процена на вредноста на имотот засновани на меѓународните стандарди и дава појдовни основи за работа на проценителите. По презентирање на коментарите за предложените решенија од страна на Градот Скопје, беше оставена можност за доработка и допрецизирање на определени критериуми за процена на имотот, особено во делот на процената што се врши за даночни цели што се оцени дека е од заеднички интерес за бизнисот, администрацијата и граѓаните како засегнати страни.
На денешната средба се заклучи компаниите во наредните денови своите забелешки и коментари по Предлог – методологијата за процена на вредност на недвижниот имот да ги достават до Здружението со цел да бидат проследени и разгледани од страна на институциите во рамки на нивните дополнителни консултативни состаноци.
Поради доследно почитување на мерките и препораките за превенција од ширење на вирусот КОВИД – 19, работната средба се одржи online преку платформата WEBEX на CISCO.


 

м-р Нена Николовска
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија