ЗАЈАКНАТА СОРАБОТКА РЕАЛЕН СЕКТОР-СТРУЧНИ УЧИЛИШТА
➢ Актуелно (03.02.2021)
👁 Прочитано: 540




ЗАЈАКНАТА СОРАБОТКА РЕАЛЕН СЕКТОР-СТРУЧНИ УЧИЛИШТА

Важноста на соработката помеѓу реалниот сектор, образовните институции и стручните училишта, како и зајакнувањето на квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука со пазарот на трудот, беше темата на денешната виртуелна регионална панел дискусија на тема: „Соработката помеѓу компаниите и стручните училишта во земјите од Западен Балкан (ЗБ6) – сегашна состојба и следни чекори“ организирана од Регионалниот фонд за предизвици  со поддршка на Коморскиот инвестициски фонд, чија членка е Стопанската комора на Македонија.

Регионалната панел дискусија беше почетен настан за промоција на проектот, финансиран од Германската инвестициска банка, за набавка на опрема за стручните училишта и компаниите, зајакнување на ангажманот на реалниот сектор за реализација на квалитетна практична обука на учениците, како и за реализација на обуки за наставниците за унапредување на нивните вештини и компетенции за креативни и иновативни пристапи во реализацијата на наставата како резултат на новите техники и технологии. Зајакнатата соработка на реалниот сектор и стручните училишта ќе придонесе за усогласување на понудата и побарувачката на квалификации, релеванност на стручното образование со потребите на пазарот на труд и подобрување на квалитетот на стручното образование и обука во шесте земји од Западен Балкан (ЗБ6) за стекнување на стручни и практични вештини и компетенции, како и за подготовка на учениците за полесно прилагодување во работната средина и полесна вработливост. Придобивката од соработката и практичната  обука на учениците во компаниите ќе биде олеснување на реалниот сектор од шесте земји во обезбедувањето на квалификуван кадар за своите потреби, што ќе овозможи зголемена продуктивност во периодот на непрекинат економски раст. На виртуелната панел дискусија учествуваа претставници од меѓународни организации, регионални организации, Коморскиот инвестициски форум, стопански комори, образовни институции, стручни училишта и понудувачи на образовни услуги и компании.

Во вториот дел од панел дискусијата беше презентирана постапката за аплицирање на отворениот повик за опремување на училиштата Главен услов за учество во проектот и аплицирање на отворениот повик, кој започна од 1 февруари 2021 година, е склучениот меморандум за соработка помеѓу едно стручно  училиште и две компании на локално ниво.

Дополнителни информации во однос на процесот на аплицирање и потребните документи може да најдете на следниот линк - Како да се аплицира - Регионалниот фонд за предизвици (rcf-wb6.org).

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Северна Македонија