ЗАПОЧНА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ЗА ПОДГОТОВКА НА СТРУЧЕН КАДАР ПО МЕРКА НА РЕАЛНИОТ СЕКТОР
➢ Актуелно (01.02.2021)
👁 Прочитано: 562




ЗАПОЧНА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ЗА ПОДГОТОВКА НА СТРУЧЕН КАДАР  ПО МЕРКА НА РЕАЛНИОТ СЕКТОР

Недостигот на вештини и компетенции претставува клучен проблем за зголемување на продуктивноста и ликвидноста на компаниите и ограничувачки фактор за конкурентноста на компаниите на домашниот и меѓународниот пазар, на што укажуваше Стопанската комора на Македонија години наназад.  Компаниите се погласно говорат за недостигот на стручен кадар и покрај високите стапки на невработеност. Од друга страна, 80% од невработените се долгорочно невработени поради неусогласеноста со реалните потреби на пазарот на трудот. Стопанската комора на Македонија како најбројна бизнис асоцијација има одговорност кон своите членки во обезбедувањетo на квалитетен и стручен кадар, посебно што секој трет вработен во државата е вработен во компаниите, членки на Комората, и затоа со години наназад во своето делување и со своите расположливи капацитети е вклучена во активностите за унапредување на стручното образование со предлози и конкретни решенија за создавање функционално стручно образование прилагодено на потребите на реалниот сектор преку учество во креирањето на наставни програми според барањата и потребите на реалниот сектор, реализацијата на практичната обука на учениците во компаниите и барањата за измена на уписната политика, истакна   м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија, на  денешните  средби  одржани во градовите Свети Николе и Штип, кои се први, во рамки на процесот на консултации помеѓу министерствотото за образование и наука, компаниите, коморите и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови релевантни квалификации и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година.

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“ започна процесот на усогласување на потребите на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, каде заедно со градоначалниците на Свети Николе, Штип и Пробиштип, и претставници на неколку компании го започнавме процесот на консултации за потребата од отворање на нови квалификации и паралелки во средните стручни училишта низ државата, од идната учебна година.

На средбите се разговараше кои се реалните потреби од одредени квалификации кои недостигаат на компаниите, и можностите да се отворат паралелки во средните стручни училишта за таквите квалификации, како и за подигање на атрактивноста на стручното образование за привлекување на ученици, со цел да се обезбеди бараниот стручен кадар, но и да се зголеми вработливоста на младите. Според анализата изработена од министерството за образование и наука, од 2468 ученика во  стручното образование, најголем интерес има за електротехничката и машинската струка, а најмал интерес има за дрвопреработувачката, графичката и геолошко-рударската струка. Во анализата учествуваа 450 компании, од кои дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање стручен и квалитетен кадар. Компаниите од овој регион истакнаа дека имаат потреба од квалификации како месари, прехрамбени техничари, шивачи, оператори на ЦНЦ машини, одржувачи на машини и рударски техничари.

Приближувањето на образованието и реалниот сектор преку еден социјален дијалог каде секој може да ги искаже своите потреби и можности ќе придoнесе за да се постигне целта на стручното образование, а тоа значи олеснување на транзицијата на учениците од училишната кон работната средина и обезбедување на компетентен и стручен кадар за компаниите. 

Овој процес се реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.

 

 

 
Служба за информирање при Комората