ПРЕКУ ЕФИКАСНО И ПРОФЕСИОНАЛНО РАБОТЕЊЕ НА СИТЕ ЧИНИТЕЛИ ДО НАМАЛУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА ВО БИЗНИС-СЕКТОРОТ
➢ Актуелно (22.01.2021)
👁 Прочитано: 304




ПРЕКУ ЕФИКАСНО И ПРОФЕСИОНАЛНО РАБОТЕЊЕ НА СИТЕ ЧИНИТЕЛИ ДО НАМАЛУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА ВО БИЗНИС-СЕКТОРОТ

Како дел од активностите на ЕУ проектот: „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис-сектор“ на 22.1.2021 се одржа онлајн Завршна Конференција на тема: „Бизнис без корупција со цел презентирање на воспоставениот превентивен механизам за намалување на корупцијата, преку подобрување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот на државните претпријатија, како и зголеменото учеството на приватниот сектор во борбата против корупцијата.

На настанот свое излагање на втората панел дискусија на тема: „Заложби на повеќе засегнати страни за бизнис интегритет: наследство и иднина ” имаше д-р Елена Милевска Штрбевска, Главен советник на УО за правни прашања при Стопанската комора на Македонија.

„Една од стратешките определби на Стопанската комора на Македонија е залагањето за поголема ефикасност во спречувањето на корупцијата и сивата економија“, истакна д-р Милевска Штрбевска. Токму заради тоа, ние сме активен чинител во сите стратешки документи кои се во насока на градење на систем на интегритет и усогласено делување на компаниите поединечно и бизнис-заедницата во целина, како што е Стратегијата, но и клучни законски прописи кои имаат допирни точки со оваа проблематика, а иницијатори сме и на бројни иницијативи кои во својот фокус го имаат сузбивањето на сивата економија, воспоставувањето ефикасен механизам на парафискални давачки, подобрување на транспарентноста на институциите, поттик во дигитализација во јавниот сектор, ефикасно функционирање на контролните механизми на власта, децентрализација и ефикасни институции кои ги почитуваат принципите на владеење на правото и правна држава- додаде д-р Милевска Штрбевска.

Стопанската комора на Македонија беше активно вклучена во изработката на Националната стратефија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 и нашето очекување е да се создаде конкурентно, фер и транспарентно деловно опкружување, што ќе придонесе за привлекување на нови домашни и странски инвестиции, ќе придонесе за зголемување на конкурентноста и продуктивноста, а со тоа ќе го поттикне економскиот развој во земјата

Во рамки на Стратегијата се дијагностицирани и селектирани приоритетните проблеми кои генерираат висок ризик од корупција и се идентификувани мерки за нивно надминување. Нашиот придонес се однесуваше пред се на секторот економија и бизнис. Во овој сектор, нашето залагање, што е вградено во Стратефијата, беше насокчено кон што побрзо спроведување на целосна дигитализација на издавањето на дозволи, уверенија и други услуги во јавната администрација на централно и локално ниво која ќе го минимизира субјективизмот и контактот помеѓу барателот и давателот на услугата и директно ќе придонесе во намалување на коруптивните практики.

„Непходно е да се поттикне развојот на контролните механизми на власта, а стопанските комори и граѓанските организации да се гледаат како партнер во креирање и спроведување на антикорупциските политики. За да можат стопанските комори, медиумите, граѓанскиот сектор да ја спроведуваат во пракса оваа значајна општествена улога, како и самите да не станат генератори на корупција, потребно е систематски да се градат високи стандарди на нивниот интегритет, професионализам и транспарентност, што всушност и се прави преку овој и други проекти кои навистина придонесуваат за воспоставување на еден успешен повеќесекторски дијалог за постигнување на овие цели. Пораката на компаниите е дека индивидуално немаат моќ да ги променат работите и потребна е заедничка борба и залагање на сите засегнати страни за да се изгради општество со нула толеранција за корупцијата. Корупцијата создава пречки во водењето бизнис, особено на оние кои навистина сакаат да се пласираат на пазарот со квалитет и продуктивност, а не преку коруптивни делувања“, посочи Милевска Штрбевска.

Преку проектот, повеќе од 200 претставници од приватниот сектор се обучија за системска заштита од корупција и се подготвени проактивно да воведат мерки за интегритет.во компаниите. Исто така, преку воспоставен механизам креирани се алатки за оценка на ризиците од корупција во државните претпријатија и за усогласеност и спречување на корупцијата во бизнис-секторот.

На конференцијата свое обраќање имаа и претставници од: Делегацијата на ЕУ, ЕБОР, Швајцарската мрежа на Глобалниот договор, Владата на РСМ, како претставници од бизнис секторот кои применуваат системи за интегритет штитејќи се од корупција и нејзините неповолни влијанија врз бизнисот.

Проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис-сектор“ го спроведува Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Конект и Здружението на даночни советници, а е финансиран од Европската унија во рамките на програмата за поддршка на организациите од граѓанското општество.

м-р Ивана Крстевска
соработник во Стопанска комора на Македонија