Македонската асоцијација на рударството (МАР) изминатите месеци реагираше во однос на текстот за предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, доставен во собраниска процедура за усвојување по скратена постапка. Беа реализирани и работни средби со надлежните државни органи и поднесени конкретни предлози за измени/дополнувања во текстот на Законот, но, сепак, ниту едно од укажувањата, предлозите и од забелешките на Македонската асоцијација на рударството не се вклучени во предложениот текст на Законот, кој е предвиден да се разгледува по скратена постапка на 30. Седница на Собранието на РСМ, закажана за 18.1.2021 година.
МАР укажува дека Законот за минерални суровини е комплексен закон, за чии измени и дополнувања е потребна широка јавна расправа, а не нивно донесување по скратена постапка со еднострани измени предложени од надлежното министерство. Законски одредби кои создаваат правна несигурност и изготвување законски прописи без вклучување на сите засегнати страни е спротивно на начелата за транспарентност и за инклузивност. Нејасните и непрецизни одредби од предложениот текст на Законот, кои оставаат простор за субјективно и за арбитрарно постапување на надлежните државни органи, за компаниите кои работат во овој сектор создава правна несигурност и неповолна клима за инвестирање.
Имајќи ги предвид комплексноста на предвидените измени и можните ефекти врз работењето на компаниите, Македонската асоцијација на рударството апелира да се стопира натамошната постапка на усвојување на овој предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини и истиот да биде повлечен, како и да биде формирана работна група, во која покрај претставници на надлежното министерство, ќе бидат вклучени и претставници на МАР, на научната и на стручната јавност, како и на невладините организации, кои заеднички, низ процес на консултации, ќе работат на изготвување на законските одредби.