Преземено интервју – Александар Гечев: Со планирани вложувања од 300 милиони евра, ќе бидеме најголем стратешки инвеститор во државата
➢ Актуелно (25.12.2020)
👁 Прочитано: 602



Преземено интервју – Александар Гечев: Со планирани вложувања од 300 милиони евра, ќе бидеме најголем стратешки инвеститор во државата

Со вкупно досегашни инвестиции од 150 милиони евра, гордо можеме да кажеме дека денес ИГМ – Трејд е најголем инвеститор помеѓу домашните и странските компании во државата. Заедно со инвестициите во словенечката Алпос Металургија во вкупен износ од 40 милиони евра, вкупните инвестиции на ниво на група изнесуваат 190 милиони евра. За ова најдобро сведочи капиталот на компаниите. Развојните планови на ИГМ – Трејд вклучуваат инвестиции од нови 300 милиони евра во наредните 10 години. За ова цел планираме во тесна соработка со Владата да го користиме Законот за стратешки инвестиции, помалку во делот на финансиска помош, а повеќе во делот на отстранување на бирократските процедури и скратување на процесите за добивање на одобренија, дозволи, лиценци, потврди т.н. ‘fast-tracking’ кој го сметаме за најбитен елемент на овој закон.

Планираме навраќање на проектот за интегрирана железара во Неготино, еколошко производство на челик со електролачна печка и комбинирано производство на рамни и долги челици, дополнето со комплекс ладна валавница со поцинкување и пластификација. Заедно со Железара Скопје и Фени Кавадарци, овој проект би бил трет столб на македонската базична индустрија и најголем стратешки објект во поновата историја на државата. Недопустливо е за сите нас да дозволиме дневно -политички партиски препукувања и маргинални лоби групи да застанат на патот на ова стратешка инвестиција како што беше случајот во 2010 година кога за прв пат го претставивме овој проект во јавноста.

Исто така, во Неготино планираме и инвестиција од 45 милиони евра во изградба на фотоволтаична/соларна централа со вкупна моќност од 70 MW, која ќе произведува зелена енергија за задоволување на енергетските потреби на железарата. Во склоп на ИГМ – Трејд во моментот се гради првата приватна 110 kV трафостаница во државата, а за потребите на идните проекти во Неготино потребни се 2 нови трафостаници од овој тип со вкупна вредност од 10 милиони евра.

Пандемијата и квотите на моменти создаваа дисконтинуитет во работата кој негативно се одрази на планирањето, производството, продажбата и профитабилноста. Имавме две олеснителни околности за да ги ублажиме месечните флуктуации а тоа се: финансискиот и инфраструктурен капацитет на ИГМ – Трејд да произведува големи количини за залиха и производство лоцирано во ЕУ, односно Алпос Металургија во Словенија, фабрика која ги опслужуваше европските клиенти во моменти кога ИГМ – Трејд беше отсутен од пазарот. Ова флексибилност и диверзификација ни овозможи во 2020 да имаме рекордни резултати во работењето од аспект на физички обем, приходи и профитабилност. Комбинираните продажби во 2020 ќе достигнат ниво од над 275.000 тона, со консолидирани приходи од 165 милиони евра (115 милиони евра во ИГМ – Трејд и 50 милиони евра во Алпос Металургија), и профит пред оданочување од 22,1 милиони евра (17,5 милиони во ИГМ – Трејд и 4,6 милиони во Алпос Металургија). Моментите на пазарна неактивност во Кавадарци активно ги искористивме за модернизација на производството со осврт на производната ефикасност, волуменот и квалитетот на производството, енергетска ефикасност (овде би го издвоил инсталирањето на 2 MW фотоволтаична централа) и безбедност и здравје при работа. На кризите гледаме како на време за рефлексија и стратешко планирање и тие за нас секогаш нуделе интересни можности за инвестирање.

Во Петрич, Бугарија започнавме нова гринфилд инвестиција со купување на индустриско земјиште и сопствена изградба на фабрика. Оваа фабрика е конципирана и проектирана да биде најмодерна и најефикасна од сите наши фабрики и го инкорпорира целото наше 25 годишно знаење и искуство од ИГМ и Алпос. На површина од 60.000 м2 фабриката ќе се гради во 2 фази со вкупен покриен простор од 25.000 м2, а производството ќе се одвива на 6 производни линии со годишен капацитет од 100.000 тони. Вкупната инвестиција ќе изнесува 35 милиони евра.

Целото интервју на Александар Гечев, генерален менаџер на ИГМ-Трејд Кавадарци и член на Управниот одбор и Собранието на Комората, бизнис магазинот Капитал бр.1089 е достапно на следниот линк.

Служба за информирање при Комората