Одржан „онлајн“ семинар од областа на урбанистичкото планирање
➢ Актуелно (24.12.2020)
👁 Прочитано: 652



ЗАКОН ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ („Сл. весник на РСМ“, бр. 32/20) - Измени, новини во процесот на изработка, донесување и спроведување на урбанистичките планови, прекршочни и казнени одредби
Одржан „онлајн“ семинар од областа на урбанистичкото планирање

Новиот закон за урбанистичко планирање е донесен во февруари 2020 година, но почнува  да се применува по шест месеци од донесувањето. Актуелната ситуација со пандемијата и измените во начинот на работење предизвикани од неа доведеа до промени во сферата на урбанистичкото планирање, како и во сите други сфери на живеење и на работење во нашата земја. Измените на Законот дополнително влијаеа врз оваа ситуација бидејќи не се реализираше дополнителното одложување на примената на новиот закон за урбанистичко планирање, кое беше побарано и очекувано. И покрај големиот број дебати, работилници, состаноци и конференции што се организираа во текот на подготовката на Законот, останаа многу неодговорени прашања и неприфатени предлози за дискусија.
На „онлајн“ семинарот беа обработени теми и дадени одговори кои на учесниците во иднина ќе им помогнат за квалитетно извршување на своите работни задачи  и обврски поврзани и тоа со:
-видот планска документација во корелација со најактуелните инвестициски активности;
-рокови, одговорности и надлежности на засегнатите страни;
-процедури на изработка и донесување на плановите;
-прекршочните и казнени одредби и
-надзорот над спроведувањето на Законот,
како и други прашања од интерес за сите, чија дејност е во директна или во индиректна врска со овој закон.
Секоја од темите беше анализирана и презентирана во контекст на компаративна анализа со претходниот Закон за просторно и урбанистичко планирање, со акцент на промените и новините што ги носи и нивното влијание врз процесот на планирање, спроведување и реализација на планските документи.

Предавач на семинарот беше: д-р Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, дипл. инж. арх., експерт од областа на просторното и урбанистичко планирање, долгогодишно искуство со изработка на просторни и на урбанистички планови, учество во работни групи за изготвување законски и подзаконски акти и лиценциран обучувач на локалната администрација на теми од областа на просторното и урбанистичко планирање.

 

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
советник во Стопанска комора на Македонија